Достапни линкови

Се дава ли приоритет на Загреб, или во пакет ќе влезат трите земји од Јадранската група


Отворената поддршка на Хрватска за влез во НАТО, од страна на Соединететите држави, не значи дека Македонија заостанува на патот кон Алијансата. Вака од Министерството за одбрана, ги коментираат пофалните зборови на американскиот претседател Џорџ Буш и шефот на Пентагон, Доналд Рамсфелд за одбранбените реформи на Хрватска. Со ист став и од Министерството за надворешни работи. Велат нема ништо необично во тоа на една билатерална средба да се разменат пофални зборови меѓу двете страни:

„Американската администрација се залага и ветува дека ќе продолжи со заложбите, 2008 да биде година на проширување на НАТО, а шансите на Македонија, Хрватска и на Албанија се подеднакви. Ова беше потврдено и на средбата на тројцата министри за надворешни работи на овие три земји со Даниел Фрид помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, во Њујорк на маргините на Генералното Собрание на ОН.“

изјави портпаролот на МНР, Шпреса Јусуфи.
Од претставништвото на НАТО во земјава, не сакаат да ги коментираат изјавите на првите луѓе на Соединетите држави. Сепак не веруваат дека нивните изјави се тенденциозни.
За разлика од ставот на надлежните инститиуции, проф.Трајан Гоцевски, од катедрата за одбранбени и мировни студии, во изјавите на Буш и Рамсфелд препознава доза на несигурност во однос на напредокот на другите две земји од Јадранската група, Македонија и Албанија.

„Во оценките ја менуваат малку оценката. Моето мислење е дека Соединетите држави како водечка сила и во НАТО и воопшто на глобален план останува стратешки партнер на Македонија и мислам дека не го имаат напуштено тоа, меѓутоа сепак оценката на претседателот на САД Џорџ Буш значи давање приоритет на Хрватска во тој процес.“

Професор Гоцевски вели дека на претстојниот самит на НАТО во Рига, ќе бидат појасни сигналите на Алијансата за тоа дали Хрватска ќе влезе побрзо во оваа организација или ќе остане идејата трите земји да се зачленат заедно на самитот во 2009 година.
XS
SM
MD
LG