Достапни линкови

Хрватска во НАТО во 2008


Американскиот претседател Џорџ Буш по вчерашните разговори во Вашингтон со хрватскиот премиер Иво Санадер оцени дека приемот на Хрватска во НАТО е од интерес за светот. Тој најави дека на претстојниот самит на Алијансата, кон крајот на идниот месец во Рига, ќе лобира за Хрватска. Агенциите потсетуваат дека Хрватска, Македонија и Албанија ја сочинуваат Јадранската повелба со која овие земји, помогнати од Соединетите Држави, се надеваат на влез во НАТО.

,,Кога ќе одам во Рига ќе залагам за тоа дека Хрватска би требало да биде примена во Алијансата. Разумен датум за тоа, според мене, би бил две илјади и осмата година,, изјавил, како што цитираат агенциите, американскиот претседател Џорџ Буш по средбата со хрватскиот премиер Иво Санадер. Американскиот претседател изразил уверување дека Хрватска ќе стане и членка на Европската Унија. Посетата на Санадер на Соединетите Држави, според хрватските аналитичари, е знак дека доаѓа до извесно затоплување на односите меѓу двете земји, откако Загреб одби да се согласи на неизрачување американски граѓани осомничени за воени злосторства на Постојаниот меѓународен кривиќен суд и по хрватските критики за воената интервенција во Ирак.

„Она што Буш го интересира да слушне од Хрватска е придонесот во борбата против тероризмот, како и можноста за проширување на НАТО. Тука е и стабилноста на регионот каде што Хрватска треба да биде пример. Не лидер, не мост, не супре сила, туку еден можен добар пример. Американците од нас го очекуваат само тоа и ништо повеќе.“

Вели поранешниот хрватски амбасадор во Вашингтон Иван Грдешиќ. Со ова се согласува и професор Дамир Грубиша, експерт за европски прашања.

„Имаше исто така од американска страна заладување на американската воена помош и сега тоа е одблокирано. Очигледно е дека и на администрацијата на Соединетите Држави и на оваа во Хрватска ваквото приближување им е потребно. Особено ако се знае дека Вашингтон е многу помалку критичен од Брисел спрема внатрешниот развој во Хрватска.“

Оценува професор Грубиша. Според него, поддршката од Соединетите Држави за влезот на земјата во НАТО ќе им помогне на хрватските власти да гуи убедат скептичните граѓани дека тоа ќе биде од полза за земјата. Имено, најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека триесет насто од хрватите се противат на влегувањето во Алијансата. Некои се на мислење дека тоа ќе ја направи Хрватска цел на терористички напади и оти ќе треба да се испраќаат повеќе војници во мисиите на НАТО во светот. Алијансата последен пат се прошири пред две години кога во неа влегоа шест поранешни комунистички држави, Бугарија, Естонија, Литванија, Летонија, Романија и Словачка. Тоа беше најголемата експанзија на НАТО од формирањето на оваа организација во илјада деветстотини четириесет и деветата година. На претстојниот самит на дваесет и осми и дваесет и деветти идниот месец во летонскиот главен град Рига се очекува Алијансата да испрати порака дека останува отворена и за нови членки, под услов тие да ги исполнат потребните реформи.
XS
SM
MD
LG