Достапни линкови

Во Турција најавен економски бојкот за Франција


Долниот дом на францускиот парламент усвои закон со кој негирањето на геноцидот врз ерменците во последните години на Отоманското царство може да се санкционира со затвор од пет години и со парична казна од четириесет и пет илјади евра. Француската влада соопшти дека се противи на законот, а Турција најави бојкот на француските производи.

Потегот на француските парламентарци ги разгоре страстите во Турција каде што веќе е најавен економски бојкот за Франција. Ваквата реакција веднаш беше коментирана од еден од француските пратеници кој гласаше за законот:

„Признавањето на трагедијата не е директно насочена против турската влада и турскиот народ денес. Но, турската закана со економски бојкот ни даде дополнителен доказ дека земјата се уште не е подготвена да влезе во Европската Унија.“

Изјави пратеникот Ришар Малие. Франција уште пред пет години го призна геноцидот врз ерменците, но во тој закон не беше вклучена и казна за негирање на злосторството. Слична казна се применува и во случај на негирање на холокаустот. Меѓу оние што беа против новиот француски закон е и Мишел Пирон кој вели дека владата и правосудните институции не треба да се занимаваат со историјата:

„Историјата не е предмет на правосудството. Во слободна држава ни парламентот, ни правосудството не се занимаваат со историската вистина. Многумина од нас го читале Солжењицин, па ова не потсетува на на оној режим во кој историјата се одредувала со закони, а народот бил потсикуван со лаги и манипулации.“

Вели Пирон. Законот, како што оцени Европската Комисија, односно нејзиниот комесар за проширување Оли Рен, ќе придонесе за влошување на односите меѓу Унијата и Турција која е земја кандидат. Ниту Соединетите Држави официјално го немаат признато ерменскиот геноцид, а Вашингтон повтори дека историјата треба да им биде препуштена на историчарите, а не на политичарите. Истроричарите пак, проценуваат дека дека меѓу илјада деветстотини и петнаесета и дваесет и втората година во Турција биле убиени или депортирани над милион ипол ерменци. Турција признава дека имало жртви меѓу ерменците, но не и оти станува збор за геноцид. Неколкумина угледни писатели, меѓу нив и годинашниот добитник на Нобеловата награда за литература Орхан Памук беше изведен пред суд поради тоа што се противел на турската официјална верзија за бројот на убиените ерменци.

„Реков дека биле убиени милион ерменци и триесет илјади курди. Веднаш потоа бев обвинет. Сакам да повторам дека за овие теми не смееш да зборуваш во Турција.“

Изјави Памук.
XS
SM
MD
LG