Достапни линкови

Владеачкото мнозинство функционира релаксирано поради слабата и разединета опозиција


Внатрепартиско разединување, опозиција која функционира без лидер, меѓусебни обвинувања кај најголемите партии во албанскиот политички блок...
Ова е сликата за македонската политичка сцена во последниот период. Дали сите овие случувања влијаат врз работењето на владејачката коалиција? Според Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ случувањата во Социјалдемократскиот сојуз не ја засегаат Владата и нејзините редовни активности:

„Случувањата во опозицијата се работа која треба да ја разреши самиот СДСМ. Од друга страна, владата е тука да ги решава проблемите и веќе гледаме дека со првите чекори што ги прави има помрднувања, а допрва престојат главните проекти и убеден сум дека во Македонија работите ќе почне да се движат напред.“

Спротивно од Ѓорчев, пратеникот на опозициската СДСМ, Есад Рахич смета дека
Владејачката коалиција ја користи оваа ситуација и носи одлуки кои нејзе и одговараат.

„Овој тренд ќе потрае, сигурно од три до 12 месеци, до крајот на годината или до половината од следната година, владата ќе има меден месец, односно стоте дена малку ќе потраат. Но, сметам дека начинот на нивно работење, смените на политичките службеници со партиски послушници, покажува дека многу брзо ќе западнат во криза.“

Поголеми промени во функционирањето на политичкиот систем нема да има, анализира политикологот Владимир Божиноски. Единствената предност што во моментот може да ја искористи Владата е да ги донесе законите за многу побрзо време, отколку кога би имала цврста и консолидирана опозиција.

„Одлуките полесно може да се донесат, значи гласање на некои закони. Сега нема 32 гласа против, туку има 22 гласа против, едната фракција на СДСМ, и 10 гласа на Бучковски, којашто за да се почувствува дека има фракција, колку да биде видливо гласа за законите на владата.“

Тој додава дека ваквите бранувања во политичкиот живот ќе траат релативно краток период, оти претстои период во кој опозициската СДСМ ќе избере свој лидер, а независно од недоразбирањата помеѓу ДУИ и ДПА, овие партии и понатаму ќе останат во Парламентот.
XS
SM
MD
LG