Достапни линкови

Македонија нема голем буџетски дефицит, проблемот е како се трошат парите


Појавата на дефицит во буџетот не е невообичаена и тој се среќава и во практиката на развиените земји, коментираат економските експерти. Она на што треба да се внимава е границата до која тој дефицит може да биде. Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, вели дека иако дефицитот не е необично појава, државата треба да внимава на средствата кои се трошат во текот на годината.

„Од осамостојувањето на Македонија, неколку години имавме урамнотежен буџет, немавме дефицит, но потоа тоа секогаш беше присутно. Важно е тој да не биде поголем.“

вели Хајредини додавајќи дека нема потреба од сведување на буџетскиот дефицит на нула.

„Не мора да биде на нула, значи да нема воопшто дефицит, може да се поттикне буџетската потрошувачка за да се стимулира развојот и инвестициите од државата.“

Зоран Ивановски, професор на Факултетот за општествени науки објаснува дека
постојат две причини поради кои може да се јави буџетскиот дефицит. Тоа се или непланирани расходи или промена на владината политика.

„Може да се случи прашањето е колкав е буџетскиот дефицит, значи ако не е голем, тој не е проблем.“

Постојат два начини на кои може да се покријат зголемените расходи на државата, потенцира Ивановски, или преку зголемување на приходите или со промена на ставките во расходната страна.

„Фактички секое министерство треба да работи со 50-30-20 распределба на средствата. 50 за плати, 30 за нормални операции и 20 за инвестцитии. Но, ние во некои министерства имаме и 88 насто за плати.“

Во предлогот на ребалансот за буџетот следната година проектирана е вредност од 0, 6% дефицит.Експертите велат дека во економијата малиот дефицит е подобар од буџетскиот суфицит, оти на тој начин владата има поголема слобода во финансирањето. Од суштинско значење е правилната намена и трошењето на тие средства, како и спроведување на систем за планирање, програмирање и буџетирање кој овозможува целосна транспарентност и следење на расходите на државната управа. Со овој систем се ограничува субјективизмот и дискреционото одлучување на носителите на јавните функции при трошењето.
XS
SM
MD
LG