Достапни линкови

Партиските заслуги меѓу главните критериуми при изборот на дипломати, велат упатените


Македонската дипломатија веќе 15 години е во сенка на дневно-партиските интереси на оние кои се на власт. Последните примери со разрешувањето на Јордановски и Спасов од функцијата, повторно го отворија прашањето за тоа, кои се критериумите за некој да биде именуван или разрешен од функцијата амбасадор. Поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле смета дека работите не треба да се генерализраат, затоа што како што вели има и амбасадори кои не биле пратени врз основа на партиската заслуга. Но, сепак тој се согласува дека преовладува критериум на партиската боја:

„Факт е дека перцепцијата за дипломатијата е таква. Факт е дека тие што ќе дојдат на власт сакаат да ја имаат дипломатијата во услуга на своите партиски интереси. Така што многу често ни се случува, зависно од партиските бои на нашите преставници во странство, од службеници до амбасадори, тој примарно да ги застапува интересите на својата партија во рамките на една „школка“ која ја нарекува - интереси на државата.“

И поранешниот амбасадор во Словенија и Ватикан Димитар Мирчев, смета дека партиските заслуги се сеуште најважни:

„Мислам дека изборот на дипломати, сеуште е домен на партиски интереси и коалициски преговори и разговори, па дури и други критериуми како што се лични, семејни, локални. Така што мислам дека особено Парламентот треба да настапи во улога на орган што ќе инсистира на прописи и решавање на тие прашања во интерес на успехот на нашата надворешна политика.“

вели Мирчев и додава дека и законот за надворешни работи кој се донесе пред околу една година, неможе да ги реши проблемите во македонската дипломатија:

„Многу очекував од законот за надворешни работи меѓутоа тој се донесе многу доцна и самиот закон премногу општо поставува некои контури за критериуми меѓутоа не и самите критериуми.“

Новиот закон пак, предвидува при именување амбасадори да се почитуваат неколку критериуми. Амбасадорот мора да биде државјанин на Македонија, со универзитетско образование и познавање на два странски јазика, од кои едниот светски. Тој треба да биде дипломатски и конзуларен службеник во МНР или јавна личност афирмирана во областа на надворешната политика и на меѓународните односи.
XS
SM
MD
LG