Достапни линкови

Советот за безбедност на ОН утре треба да гласа за резолуцијата


Соединетите Држави се очекува денеска и официјално да му ја достават на Советот за безбедност на Обединетите Нации нацрт резолуцијата за казнување на Северна Кореа поради тоа што таа изведе нуклеарна проба. За неа би требало да се гласа утре.

Американскиот претседател Џорџ Буш на вчерашната прес конференција во Вашингтон побара од Обединетите Нации да спроведат остри санкции против Северна Кореа. Тој, како што изјави, останува решен проблемот да биде решен преку дипломатски пат, но повтори дека одбива директни разговори со Северна Кореа:

„Билатералните преговори со Северна Кореа не успеаа. Знаете, ги ценам напорите на претходната администрација, но тие не беа успешни. Затоа мислам дека беше важно да го смениме начинот на кој му пристапуваме на проблемот со цел и да го решиме дипломатски. Цврсто сум уверен дека со Северна Кореа и Иран најдобро е ако не преговораме директно.“

Рече Буш. Неколку години Соединетите Држави, заедно со Кина, Јапонија, Русија и Јужна Кореа се обидуваат да убедат Северна Кореа да се откаже од својата нуклеарна програма. Но, ни овие шестпартитни преговори не донесоа резултати, а тие над една година воопшто не се ни одржуваат. Севернокорејскиот режим пак, постојано бара директни разговори со Соединетите Држави, но Вашингтон нив постојано ги одбива. Според некои аналитичари, токму билатерланите разговори, а не шестпартитните, можат да бидат патот за решавање на проблемот. Тоа вчера го стори и генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан кој непосредно пред прес конференцијата на претседателот Џорџ Буш побара од Соединетите Држави да започнат билатерални разговори со Северна Кореа. Анан истовремено го повика и режимот во Пјонгјанг да не ја влошува и онака екстремно тешката ситуација. Инаку, американската нацрт резолуцијата која се повикува на Поглавието седум од Повелбата на Обединетите Нации, а тоа значи и употреба на воена сила, не ја поддржуваат двете постојани членки на Советот за безбедност, Русија и Кина. Во Европската Унија пак, постои согласност за извесна реакција на Обединетите нации.

„Советот за безбедност треба да дејствува. Инаку другите земји кои чекаат каква ќе биде реакцијата на Советот, ќе заклучат дека меѓународната заедница не ја сфаќа сериозно севернокорејската постапка.“

Изјави еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Сепак, според комесарот за надворешни односи на Унијата Бенита Фереро Валднер евнтуалните мерки не треба да придонесат за влошување на ситуацијата во која се наоѓаат обичните севернокорејци:

„Населението страда претерано и затоа би ја спомнала хуманитарната помош што ние би требало да му ја даваме и во иднина. Тие не треба да бидат казнувани поради потезите на нивниот ужасен режим.“

Оценува Валднер.
XS
SM
MD
LG