Достапни линкови

Надлежните органи треба да почнат постапка за утврдување на вистинитоста на обвинувањата


Политичарите во Македонија често се обвинуваат меѓусебно за криминални дејствија. Во последно време таквата дебата која е одамна присутна во медиумите се пресели и во Собранието. Имено на расправата за предлог законот за полиција политичарите од албанскиот блок изнесоа обвинувања за лични ликвидации и за веќе извршени убиства врз други луѓе. Во меѓувреме за ниту едно од обвинувањата кои беа изнесени на политичката сцена не беше отворена истражна постапка. Претседателот на Врховниот суд Дане Илиев вели дека таквите тврдења изнесени во јавноста се доволни за Јавниот обвинител да отвори постапка за испитувања. И додека траат превирањата околу „фотељата“ на Јавниот обвинител Александар Прчевски, односно Собранието изгласа предлог за негово разрешувања и го достави до Владата, мислење за меѓусебните обвинувања на политичарите побаравме од поранешниот Јавен обвинител Ставре Џиков:

„Две институции се должни тоа да го проверат, Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство. Јавното обвинителство таквиот податок ќе го третира како ,,допрен глас,, а оперативниот дел таквите сознанија оперативно ги презема во соработка со МВР. Ако евентуално се дојде до докази за некаков криминален настан на политичари или граѓани кој во јавноста се апострофира тогаш оперативно треба да ги обезбеди тие докази и треба да ги даде преку поднесување кривична пријава до основниот Јавен обвинител. Тоа е процедурата која е предвидена во нашиот закон.“

И според политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети надлежните треба да отворат истражна постапка:

„Секако дека е должност на органите тоа да го спроведат без разлика дали сметаме дека се работи за претерување или за политичка борба. Сепак тоа се сериозни прашања и е добро да се расветлат и да се види за што се работи. Тоа е најдобриот начин да се демантираат или да се потврдат тие наоди.“

Но, сепак тој потенцира дека ваквите изјави на политичарите со кои се посочуваат меѓусебно обвинувајќи се за криминал се одраз на недостигот на политички аргументи во дебатата:

„Не се работи толку многу за криминализирање на политичкиот живот иако и тоа неможе да се исклучи туку повеќе се работи за недостаток на вистински аргументи за политичка борба, значи имаме проблем со политичката култура и како најлесен начин за да се дисквалификуваат политичките противници се одбира овој начин.“
XS
SM
MD
LG