Достапни линкови

logo-print

Советот за безбедност на ОН закажа седница за можните одговори кон Северна Кореа


Северна Кореа соопшти дека ја извршила првата нуклеарна проба со што стана уште една држава која влезе во клубот на оние што поседуваат нуклеарно оружје. Според некои оценки, таа е и најопасната и најнестибилната од преостанатите нуклеарни сили во светот. Советот за безбедност на Обединетите Нации веднаш закажа седница на која ќе расправа за можните одговори на денешната севернокорејска нуклерана проба.

Подземната нуклерна проба, според Севернокорејската централна новинска агенција, била изведена без никакви проблеми или опасности по околината. ,,Нуклеарната проба е историски настан и ќе придонесе за одржување на мирот и стабилноста во регионот,, се вели во веста на официјалната свернокорејска новинска агенција во која нема други детали за тестот. Агенциите во Јужна Кореа пак, прецизираат дека тестот бил извршен во три часот и триесет и шест минути по средноевропско време во близина на Килју на североистокот од земјата.

„Корејскиот институт за геолошки науки детектираше сеизмичка активност со магнитуда од три запирка седум степени во севернокорејската провинција Хамкијунг. Оваа информација веднаш е проследена до претседателот.“

Изјави во Сеул Јун Тае Јунг, портпаролот на јужнокорејскиот претседател. До нуклеарната проба дојде само два дена откако Северна Кореа беше предупредена од Советот за безбедност на Обединетите Нации дека ваквата акција би предизвикала остри и тешки последици. Претставници на американската администрација изјавија дека немаат причина да се сомневаат оти тестот бил изведен и оценуваат дека тој претставува увод во нова ера на конфронтирање со таа изолирана и непредвидлива земја, раководена од претседателот Ким Јонг Ил. ,,Севернокорејската нуклеарна проба претставува провокација и е против волјата на меѓународната заедница и на нашиот повик да се воздржи од акции кои би ги зголемиле тензиите во североисточна Азија,, изјави портапролот на Белата Куќа Тони Сноу. Според некои извештаи, Вашингтон бил информиран за тестот од Кина извесно време пред тој да биде изведен. Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека Пекинг решително се противи на пробата и оти се надева дека Пјонгјанг ќе се врати на разговорите за разоружување. Таков повик упати и Русија. Според Јапонија пак, нуклерната проба претставува смртна закана за стабилноста на североисточна Азија и побара воведување дополнителни санкции против Пјонгјанг. Британскиот премиер Тони Блер оцени дека станува збор за целосно неодговорен и провокативен чин, а слична е и оценката на официјален Париз. Најновиот севернокорејски потег, кој според аналитичарите, ќе ја смени политичката ситуација во Азија, го потврди она за што светот се сомневаше повеќе години а тоа е дека оваа земја поседува нуклеарно оружје како и веќе потврдените седум други, Русија, Кина, Британија, Франција, Соединетите Држави, Индија и Пакистан. Во овој клуб, според многумина, е и Израел но тој досега никогаш не потврдил ниту демантирал дека поседува ваков вид оружје.
XS
SM
MD
LG