Достапни линкови

Дел од градоначалниците сметаат дека општините ќе имаат премалку надлежности


Една од главните новини што ги содржи законот за полиција, кои согласно неговата цел треба да го задоволи принципот на децентрализација на полицијата, е тоа што во иднина командирите на полициските станици ќе бидат избирани од Советите на општините и тие за проблемите на локално ниво, одноно безбедноста во општината и безбедноста на сообраќајот и патиштата ќе одговараат директно пред Советот на на општината, со цел градење на доверба меѓу полицијата и локалното население. Но, за нивното разрешување не е одговорна општината, како што е при изборот на командирите, туку оваа ингеренција останува во Министерството за внатрешни работи. Дел од градоначалниците во општините со албанско мнозинско население и кои доаѓаат од редовите на ДУИ имаат забелешки во однос на овие одредби бидејќи сметаат дека со законот повторно полицијата ќе биде премногу централизирана, односно дека ним им се нудат малку ингеренции:

„Разрешувањето на командирот на полициските станици, повторно го има Министерот за внатрешни работи, што значи дека тука немаме децентрализација туку се враќаме во централизацијата. Ако се постапува како што треба, односно полицијата да биде децентрализирана и за овие работи да одлучува Советот на општината, мислам дека безбедноста во сообраќајот и воопшто во општината ќе биде добра.“

Забележува градоначалникот на општина Гостивар Невзат Бејта.. Демократската унија за интеграција партија која има најголеми забелешки во однос на законот за полиција, упати повик до градоначалниците поради малите надлежности кои се предвидуваат за општинските полиции да не го подржуваат донесувањето на законот за полиција. градоначалникот на Струга Рамиз Мерко го прифаќа овој предлог.

„Тоа е правично и сигурно тоа ќе го прифатиме.“

Наспроти ваквите мислења за останатите градоначалници законот е прифатлив. На ваков став е градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески. Тој потенцира дека неговата општина е подготвена да ги прифати надлежностите кои согласно законот за полиција ќе им бидат предадени на локалните власти:

„Со новиот закон за полиција сметам дека ќе бидат многу поефикасно решавани голем број од проблемите што ги имаат општините. Пред се мислам тоа се однесува на јавната безбедност во општините и втората работа е околу почитувањето на сообраќајните правила и прописи.“

изјавува Ристески.
XS
SM
MD
LG