Достапни линкови

Најсериозен кандидат министерот за надворешни работи на Јужна Кореа Бан Ки Мун


Министерот за надворешни работи на Јужна Кореа Бан Ки Мун најверојатно ќе биде идниот генерален секретар на Обединетите Нации. Во последното неформално гласање во Советот за безбедност за него се изјасниле четиринаесет од петнаесетте членки, вклучувајќи ги и петте постојани. Официјалното гласање во Советот е закажано за деветти овој месец, но изборот на Ки Мун, според агенциите, веќе било готова работа.

Во Повелбата на Обединетите Нации е запишано дека Советот за безбедност му предлага кандидат за генерален секретар на Генерлното собрание кое потоа го избира со просто мнозинство. Во шеесет и една годишната историја на Обединетите нации не се случило некој кандидат, предложен од Советот, да биде одбиен од Собранието. Актуелниот генерален секретар Кофи Анан од Гана кој е на оваа функција од илјада деветстотини деведесет и шестата, заминува кон крајот на годинава. Советот за безбедност сака да избере нов генерален секретар во овој месец, со цел да се добие повеќе време за транзиција меѓу стариот и новиот шеф на Светската организација.

„Сосема е јасно од денешното гласање дека министерот Бан Ки Мун е кандидатот кој Советот за безбедност ќе му го предложи на Генералното собрание.“

Изјави кинескиот амбасадор во Њујорк Ванг Гуанџиа
по вчерашното, неформално гласање во Советот за безбедност. Актуелниот претседавач на Советот, јапонскиот амбасадор Кензо Ошима пак, веднаш оцени дека нема потреба од уште едно вакво изјаснување:

„Мислам дека Советот, врз основа на денешното гласање, е подготвен за официјално гласање.“

Двајцата главни противкандидати на Ки Мун, Шаши Тарор од Индија и Ваира Вике Фрајберга од Летонија во претходните гласања имаа извесна поддршка, но последното покажа дека нема на што да се надеваат. Така индиецот Тарор веќе го обелодени своето повлекување од трката. Ки Мун имаше силна поддршка од Кина, Британија и Соединетите Држави.

„Имаме голем респект за министерот за надворешни работи Бан. Го познаваме добро од неговата служба во Вашингтон и тука во Њујорк и имам високо мислење за неговата професионалност и личност.“

Изјави американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон. Шеесет и две годишниот Бан Ки Мун дипломирал на Националниот Универзитет во Сеул, а магистер по јавна администрација станал во илјада деветстотини осумдесет и петата година на Универзитетот Харвард. Последниот генерален секретар на Светската организација од Азија беше У Тант од Бурма кој оваа функција ја извршуваше од илјада деветстотини шеесет и првата до илјаде деветстотини седумдесет и првата година.
XS
SM
MD
LG