Достапни линкови

logo-print

Опозицијата смета дека работата на Собранието е блокирана, власта вели проблемот ќе се надмине


Додека власта посочува дека проблемот ќе се надмине, опозицијата смета дека функционалноста на Собранието е доведена во прашање и оти е наметната ситуација на парламентарна криза, која е присутна од самиот ден на конституирање на собранискиот состав кој според нив досега не покажа ефикасност во работењето, но посебно кулминираше во изминативе два дена од собраниската расправа за законот за полиција. По тензичните дебати и истапи во Собранието за законот за полиција, во Демократската Унија за интеграција потенцираат дека има блокада во работењето на Парламентот, но како што изјавува Рафиз Алити од оваа партија тоа не е предизвикано од нив.

„Коалицијата ДУИ-ПДП не предизвикува парламентарна криза, бидејќи неа ја има од првиот ден на конституирање на Собранието, затоа што владеачкото мнозинство нема доволно мнозинство, односно неможе да обезбеди 61 пратеник за да бидат донесени сите закони во Парламентот.“

Необезбедувањето на мнозинство меѓу владеачките партии и во опозициониот Социјалдемократскиот сојуз го сметаат како главна причина за ситуацијата на криза во која се најде Собранието која според Јани Макрадули од оваа партија трае веќе подолго време:

„Без разлика што парламентарното мнозинство има мнозинство во Парламентот одлуките не се носат еднострано. Сметам дека се оди на сила, велам легално, но на сила и не сметам дека тоа оди на добро.“

Во владеачката ВМРО ДПМНЕ сметаат дека неможе да се каже дека станува збор за парламентарна криза, но се согласуваат дека не се покажа ефикасност во работата на Собранието, посебно при расправата за Законот за полиција. Силвана Бонева од оваа партија изјавува:

„Ќе се надмине ова, со разговори со парламентарната група на ДУИ, со расправа за законот.“

Според коалиционен партнер во власта ДПА повеќе станува збор за политички маркетинг во делувањето на одредени партии и оттаму со очекувања за меѓународно посредство:

„Ова е политички маркетинг. Инаку, има и други внатрешни фактори, а и меѓународната заедница кои би делувале во оваа ситуација за да се смири состојбата.“

Вели пратеникот од ДПА Гариб Каба.
XS
SM
MD
LG