Достапни линкови

Ѓорѓи Мартиновски, ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Финансиската состојба во високото образование е критична


Болоњскиот процес и кредит трансфер системот повторно добиваат на тежина со почетокот на академската година и изборот на новата влада. Со оглед на тоа дека за овие процеси се најмногу потребни пари, прашањето се какви се очекувањата од новата влада?

Воспоставена е пракса да се комуницира со владата, особено на почетокот од нивниот мандат. Тоа е особено изразено сега, со потпишувањето на Болоњската декларација и на големо отпочнување на процесот во Универзитетот, односно високото образование. Нараснати се потребите за средства, кои ќе бидат ориентирани кон опрема, кадровско екипирање и сето тоа ќе биде предочено на новиот состав на владата, со оглед дека во изминатиот период, во високото образование не е инвестирано ништо. Во владата, сега, министер за финансии е професор од економскиот факултет. Премиерот исто така е од таа сфера, и дека многу брзо ќе ги сфатат проблемите кои го кочат развојот на високото образование, особено што веќе стигнуваат отворени забелешки од ЕУ дека премалку се инвестира во оваа сфера.

Ќе инсистирате ли од новата влада да издвои поголем процент од буџетот за високото образование, со оглед на тоа што минатата година буџетот беше скратен?

Не е тоа само минатогодишно искуство. Веќе подолг период од 2000 година, буџетот за високото образование е намален за 25%. Сите знаеме дека во високиот образовен систем се вклучи уште еден универзитет државен што претставува и дополнителен трошок, а дополнителни средства не беа обезбедени. Оттаму, состојбата со финансирањето на високото образование е крајно критична.

Со оглед на финансиската состојба, колку сметате дека е реална иницијативата за отворање четврт државен универзтет во Штип?

Ние сеуште немаме официјална информација. Со владата ќе разговараме на таа тема. Очекуваме од нас да биде побарано мислење. Но, тоа пред се, уште сега можам да кажам нема да се разликува од нашиот став кој го искажавме при формирањето на Универзитетот од Тетово, а тоа се средствата кои ќе се издвојат за формирање на нови институции. Ние се обидовме тие потреби на државата да ги задоволиме со нашите капацитети. Од лани ние изведуваме настава во источна Македонија, на барање на повеќето градоначалници од тој дел на нашата држава, без некои поголеми дополнителни средства. И тие средства државата не беше во состојба да го покрие. Државата покри 10% од тоа што беше ветено, а локалната самоуправа 5% од ветените средства. Како ќе се реализира оваа идеја, која неофицијални се пласира низ медиумите, нам не ни е јасно. Но, владата пред се треба да води сметка како финснаиски ќе го покрие дополнителните трошоци кога и тоа што до сега беше неопходно за развој на високото образование, не беше обезбедено.

До каде е универзитетот со спроведувањето на Болоњскиот процес и кредит трансфер системот?

Универзитетот, пред се благодарение на поддршката на странските програми, направи напори да обезбеди покачување на квалитетот и воведување мерки во таа насока. Направена е модернизација на студиските програми на сите членки на Универзитетот Св Кирил и Методиј. Направени се повеќе мерки во склоп на Болоњскиот процес, како што е евалуацијата за покачување на квалитетот, кредит трансфер системот, како и повеќе педагошки иновации. Но, кога веќе се поставува забелешка дека тоа не е секаде спроведено, треба да се има предвид дека ние сме најголемиот Универзитет со 23 членки и не може секаде со еднакво темпо да се воведува.

Дел од професорите кои заминаа да работат во приватните високо образовни институции велат дека таму одат да работат поради подобри услови, финансиски, но и посовремени наставни програми. Како ги коментирате овие видувања и сметате ли дека има квалитетна конкуренција?

Бавењето со високо образовна дејност и наука засекого е предизвик и за тоа се потребни услови. Создавањето на такви услови е подолг процес. Традицијата на овие високо образовни институции е многу кратка, за да се создадат такви услови. И тоа што вие го велите, дека одреден број преминале во такви установи, можам да кажам дека тоа е многу мал број. Само неколку професори го прекинаа работниот однос и заминаа во други установи. Друго е прашањето во однос на бројот на студенти кои се запишуваат на високо образовните институции. И тука беше најавена катаклизма, односно пропаѓање на Универзитетот, со одлив на студентите во други институции. Тоа не се случи. Ние немаме тренд на намалување. Напротив, ние бевме напаѓани дека запишуваме повеќе студенти од тоа што државата ни го одредува како квота. Но, ние уште во првиот рок запишавме толку колку што треба да запишеме во сите три уписни рока.

Невработеноста стана проблем во општеството. Сметате ли дека универзитетот треба да направи линк со пазарот на трудот за да не ни се случува суфицит на кадри?

Тое е политика на државата. Државата секоја година ни го одобрува конкурсот со кој се предвидени студиските програми и бројот на студентите. Но, можам да кажам дека високо образовни кадри има многу помалку пропорционално во однос на вкупниот број невработени во државата. Можеби државата треба да создаде услови за очекување на уште поголем наплив на високо образовани кадри, со оглед на тоа што во однос на Европа ние тоа го немаме.

Корупцијата е проблем во високото образование. Поднесени се само осум кривични пријави во изминатиот период. Сметате ли дека овие бројки се реални?

Корупцијата, како и други криминогени дејствија се во надлежност на други институции за нивно спречување и казнување. Универзитетот со ваквите појави се бори со покачување на квалитетот на универзитетот. Во склоп на тие мерки е и анкетата на студентите и се покажува кој професор каков однос има кон наставата и студентите. Самата бројка од осум пријави зборува дека таа појава е речиси периферна, не е масовна, но останува понатаму да видиме низ овој процес какви резулатати ќе добиеме. Ос страна на студентите беше посочен проблемот со продажба на учебници и веќе на следната седница на ректорската управа и на Сенатот ние ќе предложиме правилник за регулирање на тоа прашање. Односно, тоа ќе се случува преку скриптари, а не како до сега, директно од професорот. Сметаме дека со ова ќе се избегне една појава која е близу и се детерминира како корупција во високото образование.
XS
SM
MD
LG