Достапни линкови

Можност за намалување на трговскиот дефицит


Влезот на Бугарија во Европската Унија ќе предизвика намалување на увозот од таму и намалување на трговскиот дефицит. Економските експерти предвидуваат дека тоа ќе ги зголеми цените на производите во Бугарија, но од друга страна ќе ги направи нашите производи поконкурентни на тамошниот пазар и ќе го зголеми извозот. Според професорот Лазар Лазаров од Факултетот за општествени науки, влезот на Бугарија во европското семејство негативно ќе се одрази на нашата економска размена со таа земја.

„Ќе има негативни последици негативни во таа размена. Ќе се намали обемот на циркулација на луѓе, стоки и капитал.“

Според Живко Атанасовски пак, влезот на Бугарија во Унијата ќе влијае и врз обичните граѓанини.

„Ќе се одвикнуваат од бугарскиот пазар, затоа што Бугарија не може да остане во рамките на ЕУ со ниски цени.“

Стопанствениците пак со став дека влезот на Бугарија во Европската Унија позитивно ќе влијае на бизнис соработката со таа земја. Драган Николов, претставник на фирма која повеќе години извезува на бугарскиот пазар, вели дека тоа ќе ги мотивира да произведуваат подобри продукти кои ќе наликуваат на европските.

„Ние почнавме занејќи го тоа директно да ги применуваме европските стандарди за нашите производи во Бугарија. Не чекаме да дојде 1 јануари, па тогаш да се приспособуваме.“

Зголемување на цените сигурно ќе има, се согласуваат економистите. Но тоа не мора да значи дека ќе се случи веднаш, потенцира професорот Душан Вељковиќ.

„Не мора да се случи да дојде до нагло зголемување на цените во Бугарија. Затоа што со преминување на еврото доаѓа до општ скок на цените.“

Експертите велат дека влезот на Бугарија во Унијата ќе го промени режимот на повластена меѓусебна размена, што значи дека ќе има определени царински оптоварувања и ограничување на количините на производите што ќе се увезуваат. Построгата контрола на граничните премини, би го намалило шверцувањето на стока од Бугарија, а тоа ќе значи намалување на девизниот одлив, анализираат експертите.
XS
SM
MD
LG