Достапни линкови

Договор за испраќање дополнителни сили и опрема во Авганистан?


Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на дводневниот состанок во Порторож го разгледуваат ангажирањето на Алијансата во Авганистан, но и на Косово. Овие теми, како и иднината на проширувањето на НАТО, беа главни и на вчерашниот состанок во Тирана што министрите за одбрана од петнаесет земји во регионот го имаа со американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд кој од нив побара поголемо ангажирање во Авганистан.

На состанокот во Порторож се очекува да биде постигнат договор за испраќање дополнителни сили и опрема во Авганистан поради се поголемиот отпор на талибанците. Во изминативе денови НАТО членките понудија уште две илјади војници, но воените команданти и генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Схефер сметаат дека ќе бидат потребни многу повеќе. Говорејќи на вчерашниот регионален состанок во Тирана американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд изрази оптимизам дека тоа и ќе биде постигнато.

„Сосема сум уверен дека НАТО е целосно посветен во врска со Авганистан и оти барањата на воените команданти на теренот ќе бидат исполнети од членките на Алинасата и во некоја инстанца и од оние што се дел од Партнерството за мир.“

Изјави Рамсфелд во Тирана каде што од албанските власти добил уверување дека за воена помош во мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак. Албанија, Македонија и Хрватска сметаат на американската поддршка за нивен влез во Алијансата на, како што јавуваат агенциите, неговиот самит за проширување предвиден за две илјади и осмата година. Меѓународните сили во Авганистан што ги предводи НАТО имаат над дваесет илјади војници од триесет и седум земји. Исто толкав е бројот и на американските војници во Авганистан. И покрај тоа во последниов период е интензивирана активноста на талбанците во таа земја. Токму тоа беше и главната причина за заедничкиот состанок во Вашингтон меѓу американскиот претседател Џорџ Буш и претседателите на Авганистан и на Пакистан Хамид Карзаи и Первез Мушараф кои во изминативе денови меѓусебно се обвинуваа дека на прават доволно во борбата против тероризмот.

„Соочени сме со многу предизвици. Сите ние мора да си ги заштитиме нашите земји, но во исто време мора да работиме да го направиме светот понадежно место за живеење.“

Изјави Буш. На состанокот во Порторож, најавено е дека освен за мисијата во Авганистан ќе се разговора и за мисијата на Косово имајќи го предвид, како што е соопштено во Брисел, можниот развој на ситуацијата до крајот на годинава. Ќе се разговара и за најавеното формирање на таканаречените сили за брз одговор. Станува збор за дваесет и пет илјади најдобро обучени војници кои ќе можат брзо да бидат упатувани во подрачјата каде што би дошло до загрозување на виталните интереси на членките на НАТО. Министрите на Алијансата утре во Порторож ќе разговараат и со рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов.
XS
SM
MD
LG