Достапни линкови

logo-print

Вашингтон бара од Брисел да остане отворен за Балканот


Откако вчера се согласи да ги прими Бугарија и Романија, Европската Унија е подготвена да ја затвори вратата за нови членки, барем за наредните неколку години. ,,Ќе биде неупатно да имаме повеќе членки во Унијата пред да го средиме институционалното прашање,, го цитираат агенциите претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо. Од друга страна, официјален Вашингтон побара од Брисел да остане отворен за Балканот.

Институционалното прашање на кое мисли Барозо всушност е пречката на која се сопна Европската Унија откако французите и холанѓаните на ланските реферндуми го отфрлија нацрт уставот на Унијата. Со тоа Европа се најде заглавена во институционална пајажина. Отфрлениот предлог Устав всушност требаше да го упрости сложениот процес на донесување одлуки во Унијата откако во неа пред две години влегоа десет нови земји. Сега, самите членки си имаат дадено рок до две илјади и девета да најдат излез од ќорсокакот. Тоа пак, значи дека Хрватска која води на листата на можните членки ќе почека до две илјади и десетата година, додека другите Балкански земји како Македонија која има кандидатски статус, Босна, Србија, Црна Гора и Албанија ќе треба да почекаат и подолго време од тоа. Тука и Турција чие аплицирање е посложено и поконтроверзно од претходните. Приемот на Бугарија и на Романија веднаш беше поздравен од официјален Вашингтон кој притоа побара Брисел да ја остави вратата отворена и за другите Балкански земји:

„Секако ќе ја охрабриме Европската Унија да го задржи отворен европскиот хоризонт за извесен број земји, вклучувајќи ги и оние на Балканот, како и Турција.“

Изјави портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак кој додаде дека ги сфаќа проблемите со кои е соочена кога станува збор за нејзиното проширување.
Впрочем дебатата за институционалните реформи е дебата за политичката и финасиската способност на Унијата да прима нови членки, велат некои аналитичари. Според други пак, станува збор за сосема друга работа, односно за инсистирање на барањето кандидатите пред да влезат во Унијата да ги имаат целосно исполнето вистинските критериуми за тоа. Земјите кои се за натамошно проширување на ваквите ставови гледаат како на обид за стопирање на овој процес. Претходното големо проширување пред две години покажа дека Унијата со неинсистирањето на целосно исполнување на критериумите од страна на новите членки само го поттикна незадоволството кај своите граѓани. Европската Унија не го стори тоа подобро и при сегашниот прием на на Бугарија и на Романија чии преговори за прием, според многумина аналитичари биле завршени прерано, или, како што се додава, тие објективно не ги исполнија критериумите за членство.
XS
SM
MD
LG