Достапни линкови

Европската Унија нема нови услови за членство


Неодамнешните изјави на председателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и германскиот канцелар Анѓела Меркел дека по приемот на Бугарија и Романија во Унијата нема да има прием на нови членки, не треба да се сфаќаат негативно, коментираат од кабинетот на владата. Напротив, вели потрпаролот на владата Ветун Ибраими ваквите изјави ја охрабруваат новата влада да ја забрза динамиката за исполнување на сите стандарди кои Унијата ги бара од нас.

И од канцеларијата на Европската Унија во земјава, велат дека вратите на Унијата остануваат отворени за нови членки, но она на што треба да се фокусира земјава е исполнување на реформите кои се неопходни за остварување на полноправно членство.

„Пораката на Меркел и Баросо само ја истакнуваат важноста за Унијата да ја заврши работата поврзана со европскиот устав, што ќе биде и приоритет на германското претседателство во Унијата, од јануари 2007 година,“

изjави амбасадорот на Европската Унија во земјава, Ерван Фуере.

„Европската Унија се уште очекува сите земји од Балканот да станат членки на Унијата. Македонија веќе има статус на земја кандидат и она што останува да се направи е да се продолжи со реформите, зошто колку побрзо тие ќе се спроведат толку побрзо ќе може да се одреди датум за почнување на преговорите, за што се разбира ќе се потребни неколку години. Изјавите на Меркел и Баросо не ги гледам како негативни, тие само ја покажуваат определеноста на Унијата да продолжи со реформите и подготовките за натамошно проширување,“

изјави Фуере.

И според министерката за евроинтеграции, Габриела Коневска -Трајковска.
нема промена на критериумите за влез во Европската Унија, тие остануваат исти.

„Мислам дека нема да биде процес на успорување на патот кон ЕУ. Останува тоа дека критериумите нема да се менуваат, што е добро за Република Македонија, можно е само да се засили процесот на мониторинг.“

Вицепремиерката Коневска –Трајковска изрази надеж дека внатрешно политичките проблеми во Унијата нема негативно да се одразат врз нашата земја и нејзиниот пат кон Унијата.
XS
SM
MD
LG