Достапни линкови

Повторно отворен мостот што го дели градот на српски и албански дел


Денеска во Косовска Митровица повторно е отворен мостот што го деи градот на српски и албански дел. Пред еден месец тој беше затворен поради бомбашкиот напад врз кафуле во српскиот дел. Деновиве пак, косовската полиција истражува кој стои зад појавата на графити на Албанската национална армија во Клина каде што пред неколку дена во бомбашки напад беа ранети четворица срби. По овој, но и неколкуте други бомбашки напади на Косово се зголемени мерките за безбедност.

На ѕидовите на повеќе јавни институции и приватни куќи во Клина, каде што неодамна беше извршен бомбашки напад врз едно српско семејство, испишани се графити на Албанската национална армија, јавува дописникот на Слободна Европа. Тоа за нашето радио го потврди и портпаролот на Косовската полициска служба Ветон Елшани, додавајќи дека истрагата е во тек.

„Точно е дека графитите на АКШ се испишани во Клина. По експлозијата од пред неколку дена ние водиме истрага и се што се случува или се појавува, како овие графити, се дел од таа истрага.“

Елшани наведува дека истрагата треба да покаже дали графитите се поврзани со инцидентот. Во минатата недела беа ранети четири лица кога во станот на Милорад Павловиќ била фрлена експлозивна направа. Следуваа силни осуди на инцидентот од косовските институции и од премиерот Агим Чеку кој ја посети Клина. Но, ден потоа градот осамна со графити на Албанската национална армија. Според зборовите на Елшани, во Клина нема белези за поголеми меѓуетнички тензии.

„Косовската полициска служба превзема голема напори за да не дојде до тензии. По посетата на Чеку и на полициските офицери не гледаме дека има поголеми тензии, но нормално е граѓаните да се загрижени. Без оглед на тоа задачата на полицијата останува да ги пронајде одговорните и да ги изведе пред лицето на правдата.“

Деновиве на Косово се забележува зголемено присуство на силите на КФОР. Патролите и контролните пунктови се само некои од мерките што ги презедоа и меѓународните сили и полицијата за да ги спречат евентуалните натамошни бомбашки напади. Се додава дека ваквите мерки се во контекст и на најавеното интензивирање на разговорите за статусот на Косово. Во меѓувреме, минатонеделната седницата на Советот за безбедност на Обединетите Нации различно се толкува од двете страни на Косово. Професорот по меѓународно право Хајредин Куци вели дека не е добар сигнал тоа што Советот не спомнал временски рокови за решавање на статусот.

„Тое не е добро. Нашето барање е решението да се најде што е можно поскоро, најдобро годинава, бидејќи секое одлагање создава проблеми.“

Шефот на Српската листа за Косово и Метохија Оливер Ивановиќ пак вели дека Советот за безбедност упатил порака дека се уште е можен компромис меѓу Приштина и Белград:

„Мислам дека ова е директен знак дека преговорите нема да завршат ни толку бргу, ни толку лесно. Ахтисраи доби мандат да подготви предлог, но тоа ќе биде само основа за за натамошни разговори.“

Вели Ивановиќ кој оценува дека евентуалната независност на Косово ќе биде преседан што би влијаел и врз сличните такви подрачја во Европа.
XS
SM
MD
LG