Достапни линкови

Сигналот ќе биде отворена врата за земјите аспиранти, изјави Јап Де Хоп Схефер


,,Нема одлука за сигналот. Но, тој ќе биде во насока на отворена врата,, изјави генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер во врска со надежите на земјите кои се стремат да бидат членки на Алијансата. Идното проширување на НАТО, меѓу другото, се најде на дневниот ред на вчерашниот министерски состанок на НАТО во Њујорк што се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите Нации.

Министерскиот состанок на НАТО во Њујорк всушност беше подготовка на самитот на Алијансата што од дваесет и шести до дваесет и девети ноември годинава ќе се одржи во Рига. На овој самит не се очекува да се разговара за натамошното проширување на НАТО. Сепак, за ова прашање за кои се најзаинтересирани Македонија, Албанија и Хрватска кои веќе го одработуваат нивниот акционен план за полноправно членство, станало збор на вчерашниот состанок во Њујорк. По неговото завршување генералниот секретар Јап Де Хоп Схефер во врска со сигналите што овие земји ги чекаат од претстојниот самит изјави дека НАТО се уште работи на својата стратегија за проширување.

„Нема одлука за сигналот. Мојот впечаток е дека НАТО секако ќе ја реафирмира својата политика на отворена врата. Сигурен сум дека сигналот ќе биде во таа насока. Секако беше спомната и неопходноста од продолжување на достигнувањата на оние земји што се стремат кон членство во НАТО.“

Изјави Схефер кој додаде дека имало и општа меѓу министрите околу зацврстувањето на односите на Алијансата со Босна, Црна Гора и Србија. Овој процес, како што пренесе Схефер, треба да биде условен од соработката на овие земји со Хашкиот трибунал

„Јасно е дека во Алијансата постои наклонетост оти исто така е значајно Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во политичка смисла да бидат држени што поблиску до НАТО.“

Јап де Хоп Сехефер сепак додаде дека се уште не е донесена одлуката за тоа кога овие три држави би можеле да учествуваат во програмата на НАТО Партнерство за мир. Тој уште еднаш ја реафирмира намерата на Алијансата за интензивирање на дијалогот со Грузија.

„НАТО и Грузија, во вистинската смисла на зборот, ќе работат заедно и ќе го интензивираат меѓусебниот дијалог. Вие знаете дека Алијансата целосно го почитува грузискиот територијален интегритет.“

Изјави Схефер наведувајќи ја важноста од мировното решение на конфликтите меѓу Грузија и Абхазија и Грузија и Јужна Осетија. На состанокот во Њујорк, НАТО ја потврди својата решеност за продолжување на мировните напори во Авганистан.
XS
SM
MD
LG