Достапни линкови

Парадоксот да си небезбеден во помирен свет


Светот ретко бил помирен од сега, но, од друга страна, ретко бил понесигурен како сега, пишува весникот Фајненшал Тајм, во анализата под наслов: Парадоксот да си небезбеден во помирен свет. Вестите се преполни со ужасни слики на војната и со емоционалниот егзибиционизам во модерното телевизиско известување. Џорџ Буш говори за војна за цивилизација, Тони Блер за смртоносните стрели на екстремизмот. Фактите пак кажуваат друга приказна.

Сега има многу помалку војни од кога и да е по илјада деветстотини четирисет и петата. Можноста за избувнување војна меѓу големите сили не била подалечна како никогаш досега. Анализите на Центарот безбедност со седиште во Канада покажуваат дека бројот на вооружените конфликти во светот по Студената војна опаднал за четириесет насто. Од друга страна конфликтите во Ирак, Авганистан, на Блискиот Исток и спиралата на сиромаштија и војна во Африка, како и Џихад тероризмот се повеќе се закана за светската безбедност. Дел од објаснувањето за ваквиот парадокс, како што пишува Фајненшал Тајмс, лежи во ширењето на глобалните комуникации. Технологијата го смали светот. Преку сателитите и интернетот во секој момент може да се види скоро се што се случува во светот. Или поинаку кажано, има помалку војни, но ние можеме да видиме повеќе од нив. Има случаи, како што се наведува во написот, кога телевизијата придонесла многу за засрамувањето на европските лидери за задоцнетата интервенција на Балканот. Од друга страна, има и многу слективност во тоа што се прикажува. Така последниот конфликт меѓу Израел и Хезболах во Либан секојдневно беше на екраните, за разлика од оној во Шри Ланка иако бројот на жртвите е многу поголем од оној на Блискиот Исток. Развојот на комуникациите придонесе и за побрзо воспоставување на меѓународните терористички мрежи како онаа на Ал Каида. Тешкиот дел е да ги одвоиш новите од старите форми на закана, реалните од имагинарните. Имено, голем дел од несигурноста е и во простиот факт што станавме попретпазливи од порано. Истовремено, лекцијата од нападите врз Америка ни кажува дека Западот веќе не може да биде одвоен од некој далечен конфликт, пишува весникот прецизирајќи: И додека светот генерално е поненасилен, опасностите ни се се поблиску. Претседателот Буш деновиве сугерираше дека Соединетите Држави и сојузниците би требало да ги интензивираат напорите во војната против тероризмот преку конфротирањето со исламскиот фундаментализам. Одговорот на прашањето дали тоа му дава кислород на екстремизмот можеме да го видиме во изминативе пет години, се заклучува во написот објавен во весникот Фајненшал Тајмс.
XS
SM
MD
LG