Достапни линкови

Симболика или театар


Кои се ефектите што се постигнуваат од средбите меѓу лидерите на политичките партии? При постоење на неразрешени ситуации и отворени прашања што е чест случај во политичкиот живот на државава, се наметнува потребата од меѓусебни среќавања и разговори на политичката елита, при што доволно е што ќе се води некаков дијалог, смета професорот од Филозофскиот факултет Ило Трајковски:

„Доволно е да се на едно место, да комуницираат и да водат некаков дијалог, да се препознаат и признаат себе си, оти во Македонија многу работи се водат и од аспект на таа симболичка политика. Дијалог е она што е потребно, затоа што кога се води дијалог, се води политика, не се води војна! Од тој аспект седнување на една иста маса значи дека тие си веруваат и дека нема да преземаат други чекори. Исто така пораките кои ги испраќаат кон другите се многу важни.“

Но, колку досега договорите од ваквите меѓусебни дијалози резултирале со конкретни решенија во пракса. Професор Трајковски додава:

„Македонскиот политички систем перманентно е во некаква криза, некаква преобразба и од тој аспект се смета дека овој тип на средби се функционални, бидејќи обезбедуваат чекорите што треба да се преземат од власта, па би рекол дури и од опозицијата, да се дообјаснат затоа што се движиме во едно време кое би го нарекол како ,,непозната шума,, и од таа страна мислам дека има некаква смисла и простор за тоа да се направи.“

Наспроти Трајковски, аналитичарот Исо Руси смета дека досега се покажало дека ваквите средби се само еден, како што го нарекува ,,театар,, без поголеми ефекти:

„Ваквите лидерски средби се покажа дека се најобичен театар, често наметнат од страна и не се резултат на желбата на оние од власта да комуницираат со опозицијата.“

Според Руси вистинско место за договорање и донесување на одлуки е Парламентот:

„Тоа на одреден начин го слабее Парламентот. Парламентот е местото каде што треба да се одвива тој дијалог меѓу опозицијата и позицијата и единствено валидно е верификувањето на тој договор во Парламентот, да речеме ако се случи договор за законот за полиција, за јазиците или други закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство, сето тоа се решава во Парламентот, а не надвор од него.“

забележува Руси.
XS
SM
MD
LG