Достапни линкови

Македонија според овој параметар e на средина од табелата, а според политичката стабилност последна


Светската Банка денеска го издаде седмиот извештај за квалитетот на управувањето во земјите во светот. Авторите Даниел Кауфман и Арт Крај известуваат дека граѓаните на богатите држави уживаат во добро управување што всушност значи дека имаат и поквалитетен живот. Од друга страна, посиромашните земји немаат ефективно управување што пак придонесува тамошните граѓани почесто да бидат жртви на корупција и на мешањето на владите во нивните животи. Но, не секогаш богатството, значи и добро управување.

Извештајот на Светската Банка се засновува врз шест критериуми кои вообичаено се поврзуваат со таканеречното отворено, слободно општество. Меѓу нив и ефективноста на владите, политичката стабилност и владеењето на правото. Според овие показатели Македонија, споредена со другите земји од Западен Балкан, е на средината на табелата. Исклучок е критериумот за политичката стабилност. Таму Македонија е на последното место. Еден од авторите Арт Крај за Радио Слободна Европа вели дека некои земји во последниот период забележуваат напредок во овие сфери:

„Почнувате да добивате интересна приказна кога ќе ги погледнете промените. Во Источна Европа има земји кои навистина покажуваат прогрес. Станува збор на пример за Украина и за Србија, особено во врска со работите поврзани со демократијата.“

Наведува Крај, додавајќи дека тоа, во случајот со земјите од поранешна Југославија не е изненадувачки, посебно ако се има предвид што се се случуваше со нив во изминативе десет години. Дали тоа значи дека овие земји можат да се надеваат на пооптимистичка иднина:

„Секогаш треба да биде претпазливи во толкувањето на трендовите во овие податоци, особено поради тоа што во повеќето тие земји од година на година се случуваат многу мали промени. Во исполнувањето на некои критеруми тие се поголеми, но тоа не значи дека така ќе биде и натаму.“

Според Крај, за големиот напредок во демократската одговорност во некоја земја придонесуваат значајните политички транзиции како например Портокаловата револуција во Украина или паѓањето на режимот на Слободан Милошевиќ во Србија.

„Често новите влади се многу енергични, многу мотивирани и конечно тие имаат голема доверба кај граѓаните. Сето тоа им дава можност да преземаат чекори за подобрување на јавниот сервис и за намалување на корупцијата.“

Смета Крај кој наведува дека извештајот покажува дека не само богатите земји можат да пружат добро управување.

„Има исто така и многу сиромашни земји кои постигнуваат повеќе отколку што можете да претпоставите. Тоа е охрабрувачки момент, бидејќи покажува дека дури и сиромашните држави се способни да развијат добри институции. Доброто управување не е луксуз само на богатите.“

Вели Арт Крај, еден од авторите на најновиот извештај на Светската банка за квалитетот на управувањето во земјите во светот.
XS
SM
MD
LG