Достапни линкови

logo-print

ДУИ не оди, СДСМ реши да учествува


Ставот на ДУИ да не се учествува на лидерската средба, откако тоа претходно во разговор за Радио Слободна Европа го соопшти лидерот на оваа партија Али Ахмети до денеска не е променет, потврдува и потпретседателот на оваа партија Рафиз Алити.

„Не нема да се промени ставот, бидејќи јасно е кажано дека поканата за средба е таа да се одржи во Шипковица и се знаат точките за кои треба да се разговара.“

Во Социјалдемократскиот сојуз пак, по тактизирањето одлучија лидерот на оваа партија Владо Бучковски сепак попладнево да се сретне со премиерот Никола Груевски. Оттаму ни изјавија дека Бучковски на премиерот ќе му ги пренесе ставовите на оваа партија дека Владата со своето работење го прекршува Уставот и деловникот на Собранието, како со предлогот за законот за електронски комуникации и начинот односно постапката за разрешување на јавниот обвинител Алкесандар Прчевски.

Средбите со лидерите на останатите опозициони партии се закажани за утре. И во ПДП потенцираат дека допрва ќе одлучат дали нивниот лидер Абдулади Вејсели ќе ја прифати поканата на премиерот Никола Груевски:

„Опцијата е отворена, но сепак претседателството на партијата ќе одлучи дали нашиот лидер ќе присуствува на тој состанок.“

Вели портпаролот Сафет Незири. Засега, во Либерално-демократската партија и во ВМРО Народна е одлучено и го потврдуваат учеството на лидерската средба.

„ЛДП секогаш била за конструктивен дијалог и токму поради тоа лидерот на партијата Ристо Пенов ја прифати поканата.“

„В.Д. Претседателката Весна Јаневска ке оди на средбата со премиерот Никола Груевски и сметаме дека од вакви средби би можело да се добие само во квалитет.“


изјавуваат Роза Топузовска Каревска од ЛДП и Александар Ѓеорѓиев од ВМРО Народна.
XS
SM
MD
LG