Достапни линкови

Можни се последици доколку не дојде до дијалог


Демократската Унија за интеграција не прифаќа да биде во опозиција, категоричен е лидерот на ДУИ Али Ахмети дваесетина дена по формирањето на Владата и речиси повеќе од еден месец откако сегашниот премиер Никола Груевски објави дека оваа партија нема да биде вклучена во Владата:

„Ние на овие избори ја добивме довербата на албанците, така што не е прифатливо за нас, односно за албанците некој друг да одлучува за тоа кој ќе биде нивен претставник. Ова не е прашање на ДУИ, тука не е во прашање Али Ахмети, тука се во прашање големи процеси, а основното прашање е зошто Груевски не им верува на албанците, односно дали Груевски ќе биде премиер на сите граѓани на Македонија или ќе одбере да биде премиер само на еден дел од граѓаните на Македонија?“


Вели Ахмети кој понатаму додава дека на земјата и е потребен дијалог бидејќи вели тој ваквата ситуација не користи никому, а тоа може да биде причина за понатамошни последици:

„Како што е познато постои можност како во другите земји така и во Македонија, изразената недоверба понатаму да сноси свои последици, значи недоверба помеѓу заедниците поради непочитуавањето на вољата изразена на избори. Тоа што ние го постигнавме во изминатите четири години сега во голем степен е оштетено од страна на Никола Груевски и ова за нас претставува една сериозна загриженост за понатамошниот развој и токму затоа ние сме ангажирани да ги алармираме особено меѓународните институции и во овој контекст е нашата посета во Брисел, во инситуциите на ЕУ и НАТО за да ги алармираме високите меѓународни претставници за тоа дека настаните не се одвиваат во потребниот правец, туку станува збор за нарушување на некои процеси кои што беа започнати.“

Во овој контекст, првиот човек на ДУИ потенцира дека нема да оди на петочната лидерска средба иницирана од премиерот Груевски во Клубот на пратеници, тој останува на поканата за нивна заедничка средба во Шипковица.

„Мислам дека би било подобро за г-динот Груевски да дојде до Шипковица, бидејќи на тој начин ќе поправи една голема грешка што ја направи, а тоа е изразувањето на недоверба кон албанците, а тоа ќе овозможи албанците да ја вратат довербата која ја изгубија кон институциите или кон него.“

потенцира лидерот на ДУИ Али Ахмети чии одговори за понатамошните планови на ДУИ, погледите за иднината на Охридскиот договор, барањата за промена на Уставот, за стабилноста во Македонија и воопшто во регионот ќе можете да ги проследите во интервјуто со него в недела на Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG