Достапни линкови

Дијалогот е обновен, местото на средбата е политичка битка и битка на суети


Демократската унија за интеграција нема да присуствува на средбата која со претставниците на парламентарните опозициски партии закажана за в петок и сабота ќе ја одржи премиерот Никола Груевски. Од ДУИ изјавија дека нивниот лидер Али Ахмети со премиерот Груевски ќе се сретне само во тетовското село Шипковица, во штабот на поранешната ОНА.

„Нашиот претседател го кани мандатарот во Шипковица и тоа е,“

изјави потпредседателот на ДУИ, Рафиз Алити

Од кабинетот на премиерот соопштија дека ја поздравуваат одлуката и желбата на ДУИ за политички дијалог, притоа истакнувајчи дека дијалогот преку медиумите е добар, но не и комплетен. Оттаму велат дека изразуваат задоволство од желбата за дијалог и можноста да се сретнат со претставниците на ДУИ во Клубот на пратеници в петок и сабота.

Ваквиот развој на настаните, експертите го оценуваат позитивно. Според политикологот Дане Талески, по подолг период пак е воспоставена комуникација меѓу двете засегнати страни.

„Проблемот со определувањето на местото е политичка битка да се покаже големината. Не може да се очекува од Груевски веднаш да дотрча на подадената рака од Ахмети, затоа што сепак е премиер. Од друга страна, Ахмети се става во улога на најмоќна политичка фигура во албанската средина и сака да го диктира местото. Сепак, тоа е борба и на суети и на докажување на политичката моќ. Но, еден процес што порано го немаше започна, а тоа е реална политичка комуникација меѓу два важни субјекти,“

изјави Талески

На вчерашната прес-конференција во Мала Речица, лидерот на ДУИ, Али Ахмети понуди неколку теми за кои би сакал да разговара со премиерот Груевски. Главното барање му е промена на Уставот, според кој идната Влада би ја сочинувале партиите кои освоиле најмногу гласови на изборите. Но тука се и прашањата поврзани со Охридскиот договор, Бадинтеровиот принцип, законот за јазиците, за полицијатаи законот за припадниците на ОНА.
XS
SM
MD
LG