Достапни линкови

Љубиша Георгиевски, претседател на Собранието на Република Македонија. Спорот со коалицијата ДУИ-ПДП и интра-етнички, а не интер-етнички


Господине Георгиевски, како од оваа временска дистанца, гледате на вашата изјава при изборот, дека периодот што се карактеризираше со напнатости на меѓуетнички план истече и дека периодот што следува ќе се карактеризира со напнатости на европски и економски план, ако се земе предвид фактот дека ДУИ сеуште е надвор од парламентот?

Не може да се нарече еминентен етнички проблем, затоа што ДУИ е претставник на значаен дел од албанскиот етнус кај нас, но не и целосно претставник. Меѓуетнички проблем би бил кога двете албански партии би биле спротиставени на парламентот, така што тоа е повеќе интра етнички, одошто интер етнички проблем. Отпаднаа основните причини за големите интер етнички проблеми, со апликацијата, со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, кој е вклопен во новиот Устав. Така што, аргументацијата што се користи во политичките препукувања е етничка, од проста причина што нема друга аргументација политичка. Секоај друга политичка аргументација би водела во ќоросокак, затоа што не е прекршен уставот, ниту моралните норми и обичаи, има албанска партија во власта. На ДУИ и беше понудена соработка, беа водени преговори, но не се согласиле и тоа се нормални процеси кои не подлежат на критика. Она што како критичка аргументација коалицијата ДУИ и ПДП ја употребува е малку напумпана етничка аргументација, која повеќе не стои. Повеќе не може да се говори за Албанци како граѓаните од втор ред итн, и затоа нема голем одзив меѓу граѓаните. Нормално, луѓето гледаат и можат да ја оценат својата положба. Мислам дека и натаму нашите политички судири ќе добиваат политичка боја, во смисла на чиста политика, а не на етнички аргументи. Не велам дека се е идеално и сигурно и на тоа поле ќе има политички конфликти и натаму, затоа што тоа е чувствително поле и ќе има проблеми, но не такви за да може да се бојкотира парламентот.

Изјавивте дека ќе направите обид да ги вратите на седниците. Имате ли контакти со нив?

Па, видете, напорите од ова место се институционални напори. Јас будно ги следам сите политички текови и многу сум задоволен затоа што сите политички сигнали што доаѓаат до коалицијата ДУИ ПДП се за нивно добро и сите им советуваат да се вратат во парламентот. Од меѓународната заедница, од САД, од Косово, од сите и албански и неалбански фактори доаѓаат совети да се вратат. И што се однесува до мене, јас реков, уставот ги кани да ги заземат своите места во парламентот. Тие имаат и обврски, така да се каже работни обврски, тие се вработени во парламентот, и редно е да доаѓаат на работа. Утре ќе имаат и сметки, плати итн, ама тоа е помалку важно, технички дел, но сепак, ако ве повикува устав, ако ве повикаат моралните обичаи да го направите тоа, убеден сум дека тоа ќе го направат, зависи од времето колку ќе им треба, но јас сум тука спокоен.

Немањето кворум се покажа како проблем уште на почетокот од работата на овој состав на парламентот. Размислувате ли за промена на деловникот во таа насока?

Јас најдов предлог деловник од страна на Јордановски кој ми се допадна и јас ќе го дополнам со други предлози. Тие го разлегувале во претходниот собраниски состав, словенечкиот деловник, и земале некои работи што овде може да се применат во македонски услови. А, јас имам љубов кон деловникот на германскиот бундестаг, па иако Германија има дводомен систем парламентарен, има многу интересни работи во тој деловник и сега започнуваме акција да направиме синтетичка верзија, во која како урнек ќе земеме од словенечкиот, нешто од германскиот. Во таа насока, двата урнека се пример подигањаето на дисциплината на пратеничкиот состав и тука се предвидени и значителни парични казни за пратеници кои отсуствуваат без оправдание.

Вашиот претходник, Љупчо Јордановски, во едно интервју за Радио Слободна Европа изјави дека на неговиот наследник му остава аманет да се изгласа закон за парламент, којшто би овоможил поголема буџетска независност. Размислувате ли во таа насока?

Сеуште не сум стигнал до таму. Сметам дека закон за собранието е формално правна ситуација и тешко би се обезбедил поголем буџет. Тоа неизбежно се планира централно. Не може да имате три буџети во една држава. Мислам дека тоа е подалечна перспектива, иако самата намера зад тој предлог е добра. Не сум сигурен дека техниката, односно начинот е нешто што радикално би променило. Се разбира, секоја институција државна си создава позиции да се бори поефикасно за буџетот. Но, мислам дека Собранието може да се стрпи во таа насока, вклопувајќи се во политиката на штедење. Не е случајно што и Јордановски на крајот од мандатот тоа го поставил. Дошло и тоа на ред, веројатно и кај мене ќе биде понатаму.

За кои закони очекувате да има најмногу расправии, односно да бидат најпроблематични?

Па, видете, знаете како е, мојата позиција на претседател на Собранието е таква, што и заради единството во државата, мора во краток период да се формираат висок квалитет закони. Јас сум на таа страна. Ако се водат дебати, тешки, во смисла на подобрување на квалитетот на заонот, ако се водат дебати во смисла на подобрување на ефикасноста на парламентот, зашто Европа бара, и ќе рече стоите на едно место, во таа смисла секое подобрување на законите, јас сум на таа страна. Јас не можам да одлучувам како ќе реагираат мнозинствата. Ова е само локус еден, ова едно свето место, каде што граѓаните се договараат за своите интереси. Јас можам да имам симпатии за една или друга страна или опција, но не е добро јас да се мешам во тие текови.

Колку новата функција ви озозможува слободно време за вашите други активности?

Па, фунцкијата не дозволува, не само како конфликт на интерес, туку и како време, да се занимавам со било што. Оваа функција апсорбира најмалку тројца луѓе, еден е малку. Така што, не доаѓа предвид дури и да мислам. Јас деновиве ќе ја откажам и колумната што ми претставуваше долгогодична ментална и политичка хигиена.
XS
SM
MD
LG