Достапни линкови

Врз затворениците не се вршеше тортура, вели во признанието Буш


Американскиот претседател Џорџ Буш прв пат призна дека Централната разузнавачка агенција ЦИА имала тајни затвори во светот каде што биле испитувани осомничените за тероризам. Хјуман рајтс Воч веднаш го поздрави ова признание на Буш до кое дојде само неколку дена пред петата годишнина од терористичките напади врз Соединетите Држави.

Во изминатите неколку години ЦИА држела над десетина осомничени за тероризам во затвори надвор од Соединетите Држави, а чии локации никогаш не беа соопштени. Секогаш тоа досега беше демантирано од американската администрација. Вчера Буш во Белата Куќа рече дека нема да се извинува за ваквата политика:

„Информациите од терористите кои ЦИА ги држела во затвор одиграа улога во апсењето и испитувањето на скоро секој поважен член на Ал Каида или на оние што се поврзани со нив. Оваа програма помогна да ги тргнеме масовните убијци од улиците пред тие да бидат во можност да убиваат.“

Изјави Буш, додавајќи дека четиринаесетината затвореници кои биле во овие затвори биле префрлени во американскиот затвор Гвантанамо на Куба за да се најдат пред воен суд. Меѓу нив бил и Калид Шеик Мохамед кој е обвинет дека бил главниот планер на нападите врз Америка, како и уште двајца други негови соработници. И покрај тоа што некои медиуми бараат да бидат идентификувани таквите ЦИА затвори во Источна Европа, претседателот Буш изјави дека не би сакал да ја открива нивната локацијата или пак да ја опише техниката со која агентите доаѓаат до потребните информации. Сепак тој демантира дека затворениците биле тортурирани.

„Сакам да бидам апсолутно јасен пред нашите граѓани и пред светот: Соединетите Држави не вршат тортура. Тоа е против нашите закони и против нашите вредности. Јас немам дозволено, ниту некогаш ќе дозволам такво нешто.“

Неколку часови пред говорот на Буш, Пентагон објави нов воен прирачник во кој се наведени дозволените методи за испрашување на затворениците. Во него се прецизира дека се забранува тортурата или секој друг вид на третирање на затворениците што не е во согласност со Женевските конвенции. Ваквата одлука беше поздравена од Хјуман Рајтс Воч. Сепак, директорот Томас Малиновски вели дека петте години илегални затвори за осомничените терористи ја нарушија американската позиција во светската заедница.

„Огромна штета на американската репутација или на можноста да се промовира владеење на правото и на демократските вредности во односите со муслиманските заедници низ светот кои се многу важни во војната против тероризмот. Не мислам дека штетата е трајна. Мислам дека Соединетите Држави се уште имаат можност да го вратат статусот на шампион во човековите права. “

Изјави Малиновски, кој додава дека за тоа се неопходни вистински потези и оти претседателот Буш бил свесен на потребата конечно да се направи вистинската работа.
XS
SM
MD
LG