Достапни линкови

Ако не ја почитувате историјата, не можете да имате ниту иднина


И Денот на независноста осми септември, најверојатно ќе измине без манифестирање на единство во одбележувањето на празникот. Коалицијата ДУИ ПДП која откако не влезе во власта го бојкотира Собранието, најави дека нема да учествува на свечената собраниска седница по повод Денот на независноста. На последниот празник, прославата на Илинден, свои претставници не испратија ниту од ДПА, а неединството беше карактеристика и во македонскиот политички блок, расцепкана меѓу прославата на Мечкин Камен и Пелинце. Повремено, вакво неединство кога станува збор за државните празници, провејува во изминативе 15 години од независноста на Македонија. Ако не ја почитувате историјата, не можете да имате ниту иднина, вака опишано гледано од социолошки аспект се обидува да ги лоцира причините за отсуството од обединетост при одбележувањето на државните празници, социологот Зоран Матевски:

„Можеби во прашање е историјата, односно свеста за значењето на нашата историја, а можеби се и резулатат младата демократија, млада држава, транзционен период итн. Меѓутоа како и да е, она што се случува кај македонските политички партии, неединството во славењето, непочитувањето, тоа е грда слика кај народот.“

Тоа го покажува и степенот на припадност на еден народ кон државата, додава Матевски:

„Државните празници се светост тие се почитуваат без никакви предуслови и тие покажуваат колку една општествена зедница е интегрирана или не. Празниците се дел од колективниот дух на еден народ, во таа смисла тие ја јакнат идејата за припадност кон еден народ, кон една држава.“

За историчарите слабото познавање на сопствената историја и отустувото на планирана стратегија од државните институции се меѓу главните причини за недостатокот од почит кон државните празници. Историчарот Лазар Лазаров смета:

„Секако за тоа придонесуваат не само нашиот граѓанин, како граѓанин, туку нашите државни и раководни структури недоволно го анимираат нашето граѓанство околу значењето на тие празници. Не е само да се каже, на тој празник се случило тоа и тоа, туку треба да се настапи со конкретна програма која не смее да биде денес за утре.“

забележува Лазаров.
XS
SM
MD
LG