Достапни линкови

Опозицијата бара случаите на непотизам да бидат разгледани од Антикорупциската комисија


По вчерашното именување на Горан Трајковски за директор на Управата за јавни приходи, од опозицијата реагираат поради фактот што тој и е сопруг на вицепремирката за евроинтеграции Габриела Коневска Трајковска. Андреј Жерновски од Либерално-демократската партија вели дека ова е втор случај на непотизам во оваа Влада по именувањето на братучедот на премиерот Груевски Сашо Мијалков, за директор на Службата за државна безбедност и контраразузнавање:

„Лошо е што новата влада на Никола Груевски започнува да работи на овој начин, и едноставно се прашуваме дали беше само ветување тоа што се кажуваше дека ќе бидат назначувани експерти, а гледаме дека се сепак завршува во еден тесен круг или во партијата или по роднинска линија.“

И од опозиниот Социјал-демократски сојуз со слична реакција:

„Ги повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата, односно Слаѓана Тасева да ги преиспита последните кадровски решенија на Владата на Никола Груевски и да ги преземе истите мерки како во случајот со Радмила Шеќеринска и нејзината мајка која беше ангажирана во ЕСМ, како со случајот со Илија Филиповски и Благоја Филиповски и во случајот со Рубинчо Заревски и неговата сопруга. Исто така како што тогаш жестоко реагираше Комисијата за корупција, дали и сега ваквите кадровски решенија на Никола Груевски го првлекуваат нивното внимание.“

Вели портпаролот Емилијан Станковиќ.
Членот на Државната антикорупциска комисија Драган Малиновски пак, вели дека и тие ги следат и разгледуваат овие персонални решенија и именувања на директорите на јавните претпријатија од страна на Владата:

„Секако дека компетентноста е на прво место кога се врши избор на одредено лице на одредена функција, меѓутоа треба да се внимава и на непотизмот како појава да биде избегнуван во таквите постапувања на Владата.“

смета Малиновски.
XS
SM
MD
LG