Достапни линкови

Контакт групата за Косово има готово решение за статусот што ќе биде наметнато и неодржливо


Контакт групата за Косово има готово решение за идниот косовски статус, но тоа ќе биде наметнато и неодржливо, оценува еден од лидарите на косовските срби Оливер Ивановиќ кој додава дека србите тешко можат да прифатат некаков вид на независност. Од друга страна, странските аналитичари сметаат дека српското раководство се колеба својата јавност да ја запознае со најверојатниот резултат од преговорите за статусот на Косово.

Контакт групата неоправдано брза со плановите до крајот на годината да биде постигнато решение за статусот на Косово, вели за Радио Слободна Европа Оливер Ивановиќ, лидер на Српската листа за Косово и Метохија.

„Мислам дека ни србите, а ни Србија не се подготвени решението да се изнајде до крајот на годинава и тоа посебно ме загрижува. Ако Контакт групата по толку разговори и натаму инсистира на крајот на годната како термин тогаш тоа значи дека веќе има готово решение.“

Ивановиќ оценува дека секое наметнато решение нема да биде одржливо и ќе предизвика големи тензии на Косово, во Србија и во целиот регион:

„Значи, ако Контакт групата смета на наметнато решение тогаш, според мене, ја избира радикалната опција: радикализација на целиот регион што значи долгорочна нестабилност, а тоа пак значи дека европската интеграција на регионот ќе биде далечна иднина.“

Вели Ивановиќ, додавајќи дека србите не можат да прифатат никаква опција во која се наоѓа зборот независност и оти за евентуалното нивно напуштање на Косово одговорност ќе имаат НАТО и американската администрација. Од друга страна, некои од странските аналитичари се на мислење дека резултатот од преговорите ќе биде токму условната независност.

„Мислам дека политичките лидери на Србија знаат оти крајниот резултат од преговорите за Косово веројатно ќе биде некој вид независност, условна независност, која ќе трае извесно време, но оти крајното решение ќе биде издвојување на косовската територија од суверенитетот на Србија.“

Вели Чарлс Капчан, американски експерт за Западен Балкан и професор на Џорџтаун Универзитетот во Вашингтон. Според него, има две причини зошто српската елита не ја подготвува својата јавност за тоа:

„Би било вистинско политичко самоубиство за српските лидери да кажат Косово си оди. Никој не сака да сноси вина за тоа. Втората причина е во тоа што Белград со ваквата позиција смета оти ги зголемува шансите да го добие барем северот на Косово.“

На прашањето какви ќе бидат последиците од прогласувањето на идниот статус на Косово професор Капчан вели:

„Краткорочната консеквенца ќе биде дестабилизација, но долгорочно гледано работите ќе одат во правец на стабилизирање на регионот. Очекувам да дојде до пораст на национализмот во Србија. На Косово пак, статусот ќе води кон умерени политички опции.“

Тоа, според Капчан, ќе и даде зелено светло на меѓународната заедница да почне да инвестира во тој дел на регионот.
XS
SM
MD
LG