Достапни линкови

Можни се санкции од Советот за безбедност на ОН


Непослушниот Иран се соочува со заканата од санкции од Советот за безбедност на Обединетите Нации откако Меѓународната агенција за атомска енергија оцени дека Техеран не ја стопира работата на својата нуклеарна програма. Во доверливиот извештај се наведува дека Иран не го испочитувал крајниот рок за тоа, триесет и први август.

Меѓународната агенција за атомска енергија во извештајот од шест страници доставен до Советот за безбедност на Обединетите Нации, како што се дознава, прецизира дека Иран продолжи да збогатува ураниум. Исто така се додава дека Меѓународната агенција, и по три годишна инспекција, не може да потврди дали Иран развива нуклеарна програма за мирољубиви цели, бидејќи Техеран не соработувал со меѓународните инспектори. Американскиот претседател Џорџ Буш веднаш изјави дека Иран мора да биде спречен во намерата да дојде до нуклеарно оружје.

„Ќе продолжиме тесно да работиме со нашите сојузници во изнаоѓањето дипломатско решение, но мора да има консеквенци за иранската непослушност и ние мораме да не му дозволиме на Иран да развие нуклеарно оружје.“


Американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон не очекува Советот за безбедност да расправа за можните санкции против Иран се додека претходно не се состанат еврокомесарот Хавиер Солана и главниот ирански преговорач за ова прашање Али Лариџани. Според најавите, до ваква средба би можело да дојде на петти или шестти овој месец, по што во Берлин би се состанале петте постојани членки на Советот, плус Германија. Амбасадорот Болтон вели дека за да бидат воведени санкциите не е потребно едногласно изјаснување од сите членки на Советот за безбедност.

„Би можело да се случи да има несогласување околу санкциите, но запамтете дека доколку некоја постојана членка е воздржана тогаш тоа значи дека премолчно ја прифаќа резолуцијата.“

Изјави Болтон. Кина и Русија, земји кои имаат потесни трговски и политички врски со Иран, повторија дека би сакале кризата да биде решена само преку преговори.

„Секако, луѓето зборуваат за крајни рокови, но мислам дека крајните рокови не значат и крај на преговорите. Значи и натаму ќе работиме да најдеме заеднички начин да излеземе од кризата.“

Рече кинескиот амбасадор во Њујорк Ванг Гуанџија. И шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изразувајќи жалење за тоа што Иран не го исполнил условот, стави јасно до знаење дека санкциите не се најдобар начин за решавање на меѓународните прашања. Некои агенции, повикувајќи се на извори во американската администрација, јавуваат дека Вашингтон би сакал да добие поддршка за постепено зацврстување на санкциите против Иран, стратегија што би можела да трае неколку години. Како и да е Иран веќе соопшти дека е подготвен на сите евентуалности.
XS
SM
MD
LG