Достапни линкови

Буш и Републиканците ќе имаат политички последици од бавниот обновувачки процес


На денешен ден пред една година Соединетите Држави ги погоди најсилниот ураган досега. Во него загинаа над илјада и петстотини луѓе, четиристотини илјади ги напуштија домовите, од кои двесте и пеесет илјади од се уште не се вратија дома. Штетите се проценети на осумдесет милијарди долари. Многумина американци сметаат дека бавниот обновувачки процес ќе предизвика извесни политички последици и врз републиканците на претседателот Џорџ Буш на есенските избори за Конгресот.

Претседателот Џорџ Буш во државата Мисисипи изјави дека обичните луѓе направиле огромна работа за обнова на она што пред една година го уништија силните ветрови и дождови наречени Катрина. Тој дури и предвидува дека двете најпогодени држави Мисисипи и Луизијана ќе бидат подобро место за живеење од она што беа пред невремето:

„Не се двоумам дека Мисисипи ќе доживее ренесанса. Насекаде низ оваа држава се гледаат знаците на обнова, на надеж. Сојузните пари ќе ви бидат на располагање и ќе сториме се школите и библитеките да бидат подобри од претходните.“

Спротивно на оптимизмот во говорот на претседателот, глетката во Мисисипи и натаму е преполна со урнати куќи, напуштени згради и рѓосани автомобили.

„Сакаме помош, сакаме помош.“

Беа гласовите на разочараните жители на Њу Орлеанс во минатиот септември, неколку дена откако помина силното невреме. Сликите на луѓето кои чекаат на покривите, на ограбени продавници, на беживотни тела кои пловат низ улиците на градот се уште се во сеќавање. Според најновите анкети, пеесет и шест насто од американците мислат дека сојузната влада не сторила доволно за жртвите од ураганот Катрина. Претседателот Буш дванаесет пати го посети тој регион и сега како и тогаш им го кажа налуѓето она што сакаат и да го слушат: дека парите ќе пристигнат и оти владата ќе биде со нив додека работата не биде завршена. Но, луѓето веќе не се толку убедени во тоа:

„Дајте ни ги парите што ни се потребни за да ги надоместиме штетите. Не не терајте да исполнуваме некои документи за да докажеме дека парите ни се потребни.“

Вели Мајк Чејни од Њу Орлеанс. Администрацијата на Буш жестоко е критикувана поради игнорантскиот однос спрема ветеното за луѓето во регионот. Демократската партија дури издаде извештај под наслов: ,,Неисполнети ветувања, републиканскиот одговор на Катрина,,. Има извештаи и за тоа дека до хуманитарните пари полесно доаѓале богатите белци отколку сиромашните афроамериканци.

„Претседателот Буш од можноста да биде решителен и одговорен лидер стана лидер кој не можел да преземе ништо и кој не се грижел за ништо. Сега му се гради лажен имиџ, но тоа не е доволно, како за луѓето во Луизијана и Мисисипи, така и за сите американци.“

Вели Лари Сабато, директор на Центарот за политички студии на Универзитетот во Вирџинија.
XS
SM
MD
LG