Достапни линкови

Распоредувањето на меѓународните сили на југот од Либан, главна тема со либанските власти


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан денеска е во Бејрут на разговори со либанските власти за распоредување меѓународни мировни сили во таа земја. По Бејрут, Анан ќе ги посети Израел, Катар, Турција, Саудиска Арабија, Египет и Иран да добие поддршка за оваа мисија, за која, под насловот ,,Не е лесно да бидеш син,, денешен Њујорк Тајмс изразува сомнеж во меѓународниот ентузијазам.

Земјите на Европската Унија деновиве ветија дека ќе упатат седум илјади војници како дел од планираните петнаесет илјади мировници на Обединетите Нации во јужен Либан. Според генералниот секретар Кофи Анан, разместувањето на овие дополнителни сили во рамките на постојната мировна мисија УНФИЛ ќе започне во наредните неколку дена.

„Кога бараме мировници ние се обидуваме од владите да добиеме добро истренирани војници, особено оние што веќе имаат искуство во мировни мисии.“

Изјави Анан пред неколку дена во Брисел каде што беше решено за тоа кој ќе ги раководи мировните сили во Либан:

„Побарав од Франција да ја предводи УНФИЛ два до крајот на февруари идната година. Потоа командата ја презема Италија.“

Рече Анан. Франција веќе вети дека ќе упати околу две илјади, додека Италија најави дека бројот на нејзините војници ќе биде скоро три илјади. Според денешен Њујорк Тајмс, токму решението на италијанците да испратат доволен број војници за да бидат јадрото на меѓународните сили во Либан придонесло официјален Париз кој претходно бил сомничав, да се засрами и да земе учество во оваа мисија. Сепак, додава весникот, италијанските генерали не се поголеми ентузијасти од француските. Дел од нив јавно предупредија дека мисијата би можела да биде осакатена од, како што се наведува, мамутската бирократија во Обединетите Нации. Историски, според нив, мисиите раководени од Светската организација, стануваат неуспешни. Иако, удирањето по Обединетите нации е убав спорт, сепак постојат вистински опасности по новата мисија. Ризикот број еден во Либан е самото мислење дека е можно воено решение за проблемот. Многумина аналитичари сметаат дека би било претерано да се очекува петнаесетте илјади мировници да го разоружаат Хезболах. Тоа не му успеа ни на далеку помногубројната израелска армија во едномесечните крвави борби во Јужен Либан. Она што ќе го можат мировниците кои ќе имаат мандат и да пукаат, е да им ја отежнат можноста на Хезболах да врши ракетни напади врз Израел што пак на Израел ќе им ги намали причините за возвратни удари. Сепак, без пошироки цивилни напори кои ќе доведат до политичко маргинализирање на Хезболах, тешко дека мисијата на Обединетите Нации ќе успее, пишува, меѓу другото, денешен Њујорк тајмс.
XS
SM
MD
LG