Достапни линкови

logo-print

Прекината собраниската седница за избор на нова влада, продолжението утре во 11 часот


Собраниската седница за избор на нова влада вечерва беше прекината откако пратениците од власта и опозицијата не се согласија за времетраењето на дискусиите во расправата за избор на владата. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ апелираше до СДСМ и до неговите коалициски партнери што побргу да биде избрана македонската влада. Според него, седницата е прекината зашто постојано се појавувале нови дискутанти и оти работата станала непродуктивна:

„На Македонија и е потребна влада час поскоро, ефикасност на институциите и да не трае премногу долго овој моментален вакуум кога има период меѓу две влади. СДСМ со секој изминат ден се обидува да купи ден повеќе, затоа имавме одложување на конститутивната седница на Собранието. Одложувањето се гледа и во тоа што дискусиите наместо по десет минути траат по половина час,“

рече Ѓорчев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јани Макрадули изјави дека не е почитуван договорот за начинот на дискутирање:

„Не е почитуван договорот од позицијата со преклопување на репликите, каде што се троши повеќе време отколку за дискусиите, а содржината на репликите не соодветствува на она што е веќе кажано и излегува надвор од Деловникот,“

рече Макрадули.

Тој додаде дека претседателот на Собранието не изразил подготвеност да го исполни барањето на СДСМ седницата да заврши до полноќ.

„Договорите не се почитуваат и е лошо што Собранието на почетокот тргнува во таква авантура,“

рече Макрадули.

Седницата за избор на новата влада почна претпладне со експозето на мандатарот Никола Груевски. Расправата беше планирано да заврши до крајот на денов, но беше прекината вечерва околу 20 часот, а претседателот на Парламентот Љубиша Георгиевски нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.
XS
SM
MD
LG