Достапни линкови

Плутон веќе не е планета


Прашањето дали Плутон е вистинска планета или не за кое научниците долго време жестоко дебатираа, конечно е решено. Во Прага, на собирот на астрономите од светот, за прв пат е прифатена јасна дефиниција за тоа што може да претставува планета. Според неа, Сончевиот систем го загуби Плутон.

И официјално Плутон веќе не е планета. По десетдневна расправа, околу две илјади и петстотини членови на Меѓународниот астрономски сојуз собрани во Прага го редефинираа нашиот Сончев систем. Во него, барем како планета го нема Плутон. Најновата прифатена резолуција ги дефинира планетите како тело кое се врти околу сонцето и кое има доволно маса да создаде облик на топка и да ја чисти својата орбита. Тоа со други зборови значи дека небеското тело треба да биде толку масивно што со својата граватиција може да го чисти патот околу сонцето од другите небески тела како метеори и комети. Тоа не може да се каже и за Плутон кој се најде во друга категорија.

„Ние за прв пат како научна организација го дефиниривме поимот планета и тој сега важи за осумте познати објекти на нашиот Соларен систем: Меркур, Венера, Земјата, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Плутон е во друга категорија, наречена планети џуџиња.“

Изјави за Радио Слободна Европа доктор Ричард Бинцел еден од авторите на новата дефениција. Во планети џуџиња влезе и неодамна откриеното небеско тело во близина на Плутон, познато под името Ксена, како и големиот објект под името Серес што се наоѓа на астероидскиот појас меѓу Марс и Јупитер. Бинцел вели дека астрономите очекуваат да најдат уште многу вакви планети:

„Живееме во ера на откритија и ние ќе откриваме уште многу нови објекти како Плутон кои се планети џуџиња.“

Со новата дефениција се формира и трета категорија која ги опфаќа сите други небески објекти, а кои не се сателити. Тие ќе бидат познати како мали тела. Сево ова значи дека се што досега сме учеле и знаеле за Сончевиот систем веќе не важи. Издавачите на учебници ќе мора да ги преправат текстовите, учителите да ги модифицираат предавањата, моделите на Соларниот систем да бидат без една планета:

„Образованието и науката ќе треба да претрпат измени, бидејќи нема начин Плутон да остане планета, а Ксена да не е иако е поголема од Плутон. Затоа време учебниците да бидат обновени.“

Вели доктор Ејван Вилијамс, еден од членовите на Меѓународниот астрономски сојуз. Инаку, зборот планета доаѓа од грчкиот израз за патник. Тоа значи дека под планета се подразбира објект што се движи на небото за разлика од статичните ѕвезди. Но, денес научниците продолжуваат да откриваат многу големи небески тела надвор од Сончевиот систем за кои се потребни нови термини за нивно опишување и ново категоризирање. Плутон кој беше откриен во илјада деветстотини и триесетата година не ги издржа најновото астрономски дефинирање на планетите.
XS
SM
MD
LG