Достапни линкови

logo-print

Тоа ќе придонесе за зголемување на даночните обврзници и нови вработувања


Според неофицијалните информации во некои медиуми власта на заминување ја остава државната каса празна и во септември се очекува ребаланс на буџетот. Новата влада која пак, по петочната собраниска седница доколку и се укаже доверба треба да седне на министерските столчиња во предизборниот период најави намалување на даноците, а воедно и еконосмки раст од 6 до 8 проценти годишно. Економистот и кандидат за министер за финасии Трајко Славески вели дека не може да даде конкретен коментар затоа што сеуште немаат увид во државната каса. Но, од друга страна вели тој и да е така тоа не би требало да биде проблем затоа што во буџетот на државата во секој монмент се влеваат дополнителни средства:

„Државната каса се полни секој миг, секој час, секој месец, од плаќањето даноци од страна на граѓаните, така што до крајот на годината ќе има некои приходи и јас се надевам дека ќе биде во рамките на она што е планирано. Она што јас мислам дека може да биде проблем се некои засега за нас непредвидени или немногу јасни обврски кои треба да се намерат од државната каса.“

Според економската програма на ВМРО ДПМНЕ со која ги освои изборите и врз чија основа за утре е најавено потпишување на економски манифест со другите коалициони партнери, Данокот на добивка ќе се намалува во две фази и од сегашните 15 ќе биде 10 проценти. Славески вели дека тоа нема да значи и попразна државна каса:

„Има начини како да се компензираат. Имено со пониска даночна стапка се очекува еден добар дел од оние што оперираат во сивата економија, да се префрлат во формалната економија и да плаќаат даноци. Најголемата добивка што се очекува од намалувањето на даноците е секако очекувањата за зголемување на вработувањата.“

И економистот Душан Вељковиќ со сличен став. Вели дека намалувањето на даноците може да придонесе и за дополнитени средства во касата и таквата мерка не е противречна со планираниот економски раст:

„Секако има можност да се смалат некои даноци и на тој начин да се прошири бројот на даночни обврзници, а со тоа да се намали даночната евазија која е доста присутна во државата. Тоа не е противречно со определбата за подинамичен економски развој, затоа што смалувањето на даноците, да речеме кај персоналниот данок, тоа може да стимулативно да делува на вработување на нови работници или на пријавување на оние кои сега работат на црно.“
XS
SM
MD
LG