Достапни линкови

Потребно е долго време за формирање на „европски идентитет“, велат од Брисел


Европската Унија расте не само економски и политички, туку и културно. Една од целите на оние што поддржуваат уште поинтегрирана Европа е да промовираат нова генерација Европјани. Тоа се луѓе кои се чувствуваат целосно интегрирани во мулти националната Унија и се сметаат за Европјани.

Илјадници студенти во Европската Унија минуваат шест месеци до една година во друга земја од Унијата додека студираат. Тоа го прават преку програмата Еразмус, спонзорирана од Европската Унија што им овозможува на студентите да најдат место на странски универзитет и им дава стипендија од 100 евра месечно. Трошоците за сместување, како и останатите трошоци мора да ги покријат самите студенти.
Кристина е една од учесничките во програмата. Таа студира превод во Гранада, Шпанија, но пред две години решила да замине за Кембриџ, Англија за да го усоврши нејзиниот англиски. Кристина е една од растечкиот број европски студенти кои треба да бидат нова генерација Европјани. Тоа се луѓе кои се сметаат за Европјани, покрај нивниот национален идентитет. Кристина вели:

„Програмата ве прави да се чувствувате повеќе како Европјани. Таа е уште поповрзана за Европа, затоа што се среќавате со луѓе од многу земји. Во исто време ве прави и поголеми патриоти, затоа што ја сфаќате разликата меѓу луѓето од вашата и останатите земји.“

Кристина веќе има измислено слоган за Европската Унија – заеднички во различноста. Ваквите примери се добри вести за официјалните претставници на Унијата. Но, многумина сметаат дека треба да помине долго време пред луѓето од земјите членки на Унијата да се видат како целосен дел од неа. Постојат неколку концепти на коишто би можел да се базира европскиот идентитет. Еден е Унијата да стане фамилија на нации, каде што луѓето од различно потекло гледаат сличности во нивните религиозни верувања, во развојот на политичкиот систем и уметничките вредности. Но, според некои ваквата дефиниција е премногу општа. Тие преферираат да ја дефинираат Унијата како демократска институција што им ги гарантира човековите права на нејзините граѓани. Миколај Довгелвиц од одделот за институции и комуникации на Европската Комисија во Брисел смета:

„Не постои такво нешто како европски идентитет во моментов. И не може да се очекува дека ќе се формира на организиран и планиран начин.“

Според него, треба време за движењето кон заеднички европски идентитет да еволуира:

„Можете да видите дека еволуцијата на долгорочните проекти, како заедничката валута, студентските размени и повеќе соработка меѓу цивилните општества во земјите членки ќе помогнат за развој на европскиот идентитет. “

заклучува Довгелвиц.
XS
SM
MD
LG