Достапни линкови

Ситуацијата е под контрола, велат од косовскиот Институт за здравство


Веќе со денови од Косово пристигнуваат вести за менингитис. Бројот на заболените достигна четиристотини, а во Институтот за здравје велат дека состојбата е под контрола и оти ваквите епидемии на Косово не се ништо необично.

Од први минатиот месец до крајот на минатата недела на Косово, според податоците на Националниот институт за јавно здравство, биле забележани повеќе од четиристотини заболени. Не е прв пат Косово да се соочува во ваква ситуација, вели директорот на Институтот Илир Беголи:

„Две илјадитата година биле забележани шестотини триесет и пет случаи на менингитис. Една година потоа над петстотини заболени.“

Беголи додава дека Косово има доволно стручни капацитети, опрема и лекови за згрижување на заболените. Досегашните истражувања покажуваат дека најчеста причина за менингитисот е лошиот квалитет на водата за пиење. Податоците велат дека само четириесет насто од граѓаните на Косово користат чиста вода од водоводи.

„Другиот дел се снабдува од многу сомнителни извори. Кај некои од нив констатиравме високо фекално загадување.“

Директорот на Институтот Беголи вели дека проблем претствува и големиот број приватни базени без потребната опрема за пречистување на водата. Затоа тој очекува бројот на заболените да се намалува со доаѓањето на студените есенски денови. Меѓу најпогодените општини е Вучитрн каде што се регистрирани пеесетина случаи на менингитис. И таму потврдуваат дека најчеста причина за болеста е неисправната вода за пиење.

„Под број еден проблем кај нас е водата во селските средини, во бунарите и во базените.“

Вели одговорниот за здравство во таа општина Хамит Џафери кој додава дека ситуацијата е под контрола. Косовското министерство за здравство во минатата недела прогласи епидемија на полесен вид на менингитис кој се лекува со антипиретици, аналгетици и по потреба, со инфузии.
XS
SM
MD
LG