Достапни линкови

Никола Кљусев, член на ВМРО ДПМНЕ и прв премиер на Македонија: Освен младите кадри, тежиштето за решавање на клучните определби, да се довери на поискусни луѓе


Г-дине Кљусев вие бевте првиот премиер на независна Македонија. Сега е познат и предлог составот на новата Влада. Како ја оценувате?

Едно е важно, дека во предложениот состав главно се млади, талентирани кадри, па дури и во делот на министрите предложени од ВМРО ДПМНЕ, некои од нив не се членови на партијата, значи станува збор на попримање на експертски карактер на луѓе кои што можат да дадат придонес за излегување од кризниот хаос во кој се наоѓа нашето стопанство и приближување до европските стандари.

Колку мислите дека младите кадри можат да се справат со предизвиците што ќе ги донесат нивните министерски фотељи?

Младите кадри можат да бидат движечка сила, зад кои би требало сега од други ешалони на Владата да дојдат луѓе се сериозно искуство и знаење кои ќе им помогнат на овие млади луѓе во заедничкото решение на овие големи предизвици, во економијата, вработувањето, политичката релаксација на земјата. Мислам дека неопходно ќе биде тежиштето околу прагматичните аспекти во извршувањето на програмата да се довери на луѓе со побогато искуство за да немаме празнини, затоа што во еден прв период да речеме од околу половина година сигурно ќе има потешкотии околу уходувањето и кадровско, но и во спроведувањето на поенергични нови мерки во донесувањето на ставови на владиниот кабинет.

Дали вие како еден од поискусните членови во партијата ќе имате некоја советничка улога во новата Влада?

Па сега видете, дојдоа млади кадри и нам ни преостанува да се радуваме дека ќе го пренесат нивното ново знаење за што се школувале, а наше е колку што можеме да помагаме.

По 15 години Македонија доби премиер со исто име како вашето, но и со иста професија-економист? Според вас што треба да направи идниот премиер Груевски за да ја подобри економската состојба?

Ќе треба навистина онаа верба што ја има во некои луѓе да ја искористи. Ако евентуално не е задоволен, веднаш треба да следува разделба и прифаќање на нови луѓе. Освен тоа треба да биде претпазлив и кон кадрите од останатите коалициони партии, во политиката нема милост, во Владата се бара знаење и умеење да се спроведе обврската која ја презел мандаторот.

Во државата странските инвеститори се издигнаа на ниво во кое се мисли дека само тие можат да не спасат од ваквата ситуација?

Видете, во услови кога националната економија нема доволно акумулација за инвестиции тогаш ни останува да ,,клекнеме на коленици,, и да се ,,молиме,, да дојдат странски инвестиции. Тоа е нужно зло за секоја земја која незнае да раководи добро со својата економија или која се наоѓа во ниски фази на економски развој.

Но, сепак нив ги нема. Што треба да направи новата влада за да ги привлече странските инвестиции?

Треба ново законодавство, олеснувања во даночниот систем, во царинскиот систем, репатријација на профитот да биде стимулиран да остане тука, концесии на одредени странски инвеститори, да се создаде клима на политички и социјален мир во земјата, да нема пукање на секое ќоше и убиства, тоа е всушност високиот ризик со кои сме ние оценети во светот.

Некои земји како Бугарија која беше многу економски во полоша состојба од нас, сега е отидена многу понапред од нас?

Државите во првиот период жртвуваа одредени свои перфоманси за да добијат подолгорочни ефекти. Дури прифатија и бордови од надвор да ги програмираат нивните економски текови. Ние се правивме дека се познаеме, а практично се случи нашата економија да тоне, да расте невработеноста, порасна од една милијарда на две милијарди порасна и надворешниот долг итн. Единствено што нешто се доби се девизните резерви, и тоа не се доби од резултатите на нашата економија која тонеше во долгови, туку доаѓаше од сивите економија каде преку менувачниците се праваа во девизи и се ставаа во банката и вториот износ, дознаките на работниците од странство, што создаваа убаво ,,напојување,, на девизните резерви кај нас, меѓутоа сивата економија неможе да биде креатор на девизните резерви, затоа што таа создава една неконтролирана економија и на крајот добивме ситуација во која сивата економија ги руши сите економски критериуми во однесувањето.

Од економијата да преминеме на други прашања... ВМРО ДПМНЕ во последниве 15 години доживеа неколку потреси, но се чини дека најсилниот беше последниот кога дел од пратениците преминаа во ВМРО Народна. Колку идеологијата на денешната ВМРО ДПМНЕ е слична со онаа од пред 90-тите години кога се формираше партијата?

Од романтичните изливи во првиот период од 1990-тите години па до сега, кога се правеа некои грешки, како улична демократија инт. и тоа сталожување кое дојде во последните години, кога почна потрезвено да се оценуваат политичките појави во земјата, овозможија еден значаен премин кон демократските начела на политичкото работење, а тоа што одпадна едно крило од партијата тоа повеќе зборува за тоа дека некој сака да продолжи со таа авантура и ,,нека му е среќен патот,, Еве се виде дека тие пропаѓаат и нема шанси да бидат подржани ниту од електоратот, ниту од другите партии. ВМРО ДПМНЕ создаде за себе една добра позадина во тоа политичко смирување и присвојување на демократските принципи, а тука помогнаа и многу од нашите блиски партии како од Германија и од другите земји, што секако даде ефект што се виде и на изборите. Мислам дека оние што се исцепија од идеолошка основа, тие немаат друга идеологија освен идеологијата на ВМРО ДПМНЕ. Нивната збрканост е од други премиси во кои не би влегувал, но самото членство тагува и тие се враќаат. Јас мислам дека и овие други што се изборија за шест пратеника ќе се вратат во матичната партија затоа што неможат така да егизстираат, а тие што се отцепија тоа беа други мотиви за кои што сега не би сакал да зборувам.
XS
SM
MD
LG