Достапни линкови

Македонија спаѓа во групата на среднозадолжени земји, велат од Министерството за финансии


Вкупниот долг на Македонија изнесува милијарда и деветстотини милиони евра, или 41% БДП. Според надлежните во Министерството за финасии и во Народната банка нивото на долгот не се карактеризира како алармирачко високо, но сепак се утврдени најголемите потенцијални ризици. Идеално би било долгот да се движи околу 35% од БДП, вели Маја Паранџиева раководител на секторот за управување со јавен долг во Министерството за финансии. Како држава најмногу сме изложени на пазараниот ризик, на ризикот од високо ниво на задолженост и од рефинансирачкиот ризик:

„Пазарниот ризик е сегмент на кој што најмногу ќе работиме во следниот период, затоа што идните задолжувања за да се минимизира ризикот од промена на каматните стапки ќе претендираме да бидат со фиксни каматни стапки, а за сметката од ризикот на промена на девизни курсеви ќе се обидеме постепено да го зголемиме учеството на внатрешниот долг за сметка на надворешниот долг.“

Според Ѓорѓи Доцков од Дирекцијата за статистика во Народната Банка, структурата на долгот анализирано од аспект на оние кои што ги даваат кредитите е доста поволна. Кому должиме најмногу?

„Во рамки на мултилатералните кредитори најголем дел од кредитите потекнуваат од Меѓународната агенција за развој, која што знаеме дека е агенција која што дава кредити по многу поволни услови и тоа е многу поволно за Македонија, понатаму од Европската инвестициона банка, од Европската Унија и од ИБРД. Исто така во рамки на приватните кредитори, отпаѓа на еврообврзницата.“

Доколку вредноста на македонскиот долг во однос на БДП се спореди со оваа вредност во останатите држави може да се заклучи дека Македонија припаѓа во групата на среднозадолжени земји, како што се Турција, Малта и Кипар, но оти сеуште е далеку од вредностите на земјите членки на ЕУ:

„Во споредба со Македонија која има 41% од БДП јавен долг, тие имаат 8 до 9%. Тоа се Естонија, Литванија и Летонија.“

вели Паранџиева.
XS
SM
MD
LG