Достапни линкови

Претседателот на Унијата на албански интелектуалци Назми Малиќи вели оти Унијата не стои зад писмото


Во атмосфера на протести поради незадоволството на коалицијата ДУИ-ПДП, одбивање за практикување на принципот на Бадентерово мнозинство во општина Чаир за што жалење изрази и евроамбасадарот Ерван Фуере деновиве и албанските интелектуалци испратија писмо до американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Во него меѓу другото 34 потписници албански интелектуалци од Македонија како што е пренесено во медиумите, индиректно ја обвинуваат и американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ дека не ја известува целосно и објективно американската администарција за моментна состојба. Економистот Џевдет Хајредини еден од потписниците на писмото вели дека ова е грешно пресено во македонските медиуми:

„Ние сме интелектуалци, ние не застапуваме партии и второ, тоа е крајно погрешно презентирање на ставовите од страна на одделни медиуми и новинари во Македонија. Фуере и американскиот амбасадор не се тие кои формираат влада, владата ја формира Груевски. Ние ја коментираме и разобличуваме одлуката на мандатарот и ништо друго. Ниту амбасадорот на ЕУ Фуере, ниту американската амбасада имаат кажано дека во власта не треба да учествува и партијата што победила.“

Во однос пак која е целта на писмото Хајредини вели:

„Ние укажуваме на фактот дека намерата на мандатарот Груевски е да го продлабочи јазот меѓу албанците во Македонија“.

Во меѓувреме од коалицијата ДУИ-ПДП најавуваат дека првата фаза на протести со која тие го изразува револтот од одлуката на мандатарот заврши, а за втората фаза велат дека останува одлуката за најавениот голем протест пред собранието на 25 август кога и ќе се гласа за новата влада. Аднан Јашари од ДУИ вели дека тие како партија го подржуваат овој потег на албанските интелектуалци:

„Го подржуваме и тоа е во насока на она што ние го бараме, почитување на вољата на албанскиот електорат.“

Од друга страна аналитичарот Назми Малиќи пак, вели дека Унијата на албанските интелектуалци чиј претседател е тој не стои зад ова писмо и дека досега не го разгледала:

„Можам да кажам лично мислење, а тоа е дека тоа е надвор од контекстот на една добра соработката со амбасадите во Македонија и во однос на стратешките комуницирања меѓу амбасадите и влијателните групи луѓе, без разлика дали се тоа партии или групи интелектуалци. Треба да се сведат на тоа што значи компетентност и ненадминување на линијата која е надвор од ингеренциите. Не го гледам и оправдувањето во контекст да биде ставена и амбасадата на Соединетите Држави.“

вели Малиќи.
XS
SM
MD
LG