Достапни линкови

Најавено е преземање на други форми на израз на незадоволството поради неучеството во власта


Лидерите на ДУИ и ПДП Али Ахмети и Абдуљади Вејсели, на денешната прес-конференција во Тетово рекоа дека завршил првиот дел од манифестирањето на незадоволство од одлуката на мандатарот Никола Груевски, да не ги вклучи во идната влада. Досегашните нивни активности кои се манифестираа во форма на блокади тие ги оценија како успешни и најавија дека ќе продолжат со други форми да го манифестираат нивното незадоволство:

„Тука нема да застанеме. Ние ќе продолжиме со нашите активности, но повторувам секогаш со демократски и политички форми“.

потенцираше председателот на ПДП, Абдуљади Вејсели.
Тој рече дека тие не се жедни за власт, но имаат притисок од нивното членство и гласачите кои им го дале гласот да ги штитат и промовираат нивните права.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека не само гласачите на коалицијата ДУИ и ПДП, туку сите албанци се понижени од последните дејствија на мандатарот кои биле помогнати од една партија која претендира да ги претставува албанците иако ја нема нивната доверба:

„Сакавме да ги алармираме сите граѓани на Македонија како и личностите од јавниот и политичкиот живот кои се одговорни за судбината на оваа земја да не останат рамнодушни кон неправдата што се врши кон нивните сограѓани кои после 2001-та година се одлучија за заеднички живот со македонскиот народ“.

истакна Ахмети. Тој рече дека со блокирањето на патиштата сакале воедно да ја запознаат и меѓународната заедница оти се загрижени од непочитувањето на волјата на мнозинството на албанците и негирањето на елементарното право преку демократски и непосредни избори албанците да ги изберат своите претставници во владата:

„Сето ова става дилема на самата смисла на изборите како демократски инструмент за албанците во Македонија“.

потенцираше лидерот на ДУИ, Ахмети.
XS
SM
MD
LG