Достапни линкови

Политичко-безбедносните услови и други елементи треба да се решат за да има ефекти


Програмата ,,Преродба во 100 чекори,, во најголем дел е насочена кон подобрување на економската состојба. Анкетите покажуваат дека очекувањата на граѓаните се насочени токму кон тоа, а аналитичарите во пост-изборниот период посочуваат дека СДСМ изгуби поради лошата економска состојба и нереализираните ветувања за влез на странски инвеститори. Груевски предложи и тројца членови во Владата кои биле успешни во странство, а ќе бидат задолжени за подобрување на економијата. Но, колку се обезбедени сите безбедносни и политички услови за да може да почувствуваат ефектите од нивната работа. Според аналитичарот Осман Кадриу покрај конкретните економски мерки, треба да се обезбедат и други услови:

„За да се посвети на ова прашање, претходно сметам дека треба да се решат и други прашања кои се поврзани со тоа. Сметам дека прашањето на корупцијата е проблем број еден во нашата држава, а за жал сеуште нема позитивни чекори кон разрешување на ова прашање. И второ прашање е функционирањето на законот во нашата држава.“

вели Кадриу и додава дека освен со други предизвици новата Влада ќе мора да ги решава и политичките проблеми како например актуелните протести на коалицијата ДУИ-ПДП, зошто во спротивно и тие би можеле да влијаат врз економските текови

„Сигурно не само врз странските инвеститори, туку и врз севкупните односи тоа ќе има влијание.“

Според Марјан Николов од Центарот за економски анализи, конкретно во однос на исполнувањата на економските услови најважно е меѓу новата и старата Влада да има континуитет во работата, зошто како што вели, тоа дава добар сигнал за потенцијалните странски инвеститори и поголема сигурност за македонската бизнис заедница. Но, пречките кои што и досега го кочеа економскиот напредок остануваат и треба да се санираат:

„Еден инвеститор кога седнува со пари кои што е спремен да ги оплоди со поголем принос од она што значи чување во Банка, тој се интересира за својата сигурност, правна сигурност дека сопственоста која што ќе ја купи, а треба да му донесе принос, а тоа е некој деловен субјект, тоа треба да му биде гарантирано со законите и со спроведувањето на законите во една држава или она што ние популарно го нарекуваме, институциите.“

објаснува Николов.
XS
SM
MD
LG