Достапни линкови

Ова е само прв институционален одговор кон политиката на Груевски, вели градоначалникот на Меџити


Одлуката на Советот на општината Чаир за грб и знаме кое е против уставно, без почитување на Бадинтеровиот приницип ме разочара, изјави евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере по средбата со градоначалникот на Чаир Изет Меџити од кого тој побарал да се преиспита тој акт, но безуспешно:

„Разговараме за тоа и му ја кажав на градоначалникот мојата разочараност. Тоа воопошто не помага во овој момент кога работиме врз целосно респектирање на Бадинтеровиот принцип на локално и централно ниво. Се надевам дека одлуката ќе биде преиспитана.“

изјави Фуере, но препораката на амбасадорот на ЕУ не го предомисли градоначалникот на Чаир Изет Меџити:

„Бидејќи се руши консензуалната демократија во Македонија, значи ова не е одлука која иницира проблем туку е последица на проблемот и последиците кои ќе ги има со непочитување на вољата на албанците во Македонија. Ова е прв институционален одговор кон деструктивната политика на Груевски и за албанците тој може да биде само граѓанин, а не премиер оти го нема легитимитетот од Струга до Липково за да ја претставува Македонија.“

До овој чекор доаѓа како дел од мерките на ДУИ поради неучеството во власта. Градоначалникот на Чаир Изет Меџити кој заедно со останатите градоначалници од таа партија учествуваше на блокадите што ќе траат до 16-ти август, најави дека доколку не се почитува вољата на албанците на ниво на државата, тогаш во општините што ги предводат градоначалниците на ДУИ нема да важи Бадинтеровиот принцип. Професорот од Правниот факултет Саво Климовски смета дека може да се преземат и други мерки за да функционира правото на ниво на целата држава:

„Неможе сега секој самоволно во рамки на својот атар да прогласува своја држава. Доколку тоа е спротивно на законот, централната власт, односно министерот за локална самоуправа пред Уставниот суд ќе може да покренат постапка, односно да го сопрат од извршување актот или да покренат постапка за утврдување на законитоста на тој акт пред Уставниот суд.“

вели Климовски.
XS
SM
MD
LG