Достапни линкови

24 уапсени откако беше спречен терористичкиот заговор во Британија


Дваесет и четворица упасени и аеродроми ширум светот со зацврстени мерки за безбедност. До ова дојде откако вчера британската полиција спречила голем терористички заговор за разнесување со експлозив на повеќе авиони на летовите од Британија кон Соединетите Држави. Американскиот претседател Џорџ Буш смета дека заговорот потсети оти Соединетите Држави се во војна со, како што ги нарече, исламски фашисти.

Британските и американските власти спроведуваат голема безбедносна и антитерористичка операција откако вчера беше спречен симултан терористички напад врз неколку авиони на летовите од Британија кон Соединетите Држави. Според британската полиција, нападите би биле изведени со течен експлозив што би бил внесуван во авионите во рачен багаж.

„Терористите планирале да ги носат со себе компонентите на бомбите, вклучувајќи делови за течен експлозив и детонатори.“

Прецизира Мајкл Чертоф, шеф на американскиот департмент за национална безбедност. Токму поради тоа на голем број аеродроми се проширени мерките за безбедност што предизвикува хаос, бидејќи патниците, пред да влезат во авионит, мора да минат низ строги контроли. Во заговорот, според разузнавачки информации, биле инволвирани пеесетина луѓе. Британската полиција соопшти дека голема помош во спречувањето на нападите добила од пакистанките власти кои веќе уапсиле неколку британски државјани со пакистанско потекло. Во меѓувреме, Британската централна банка објави дека ги замрзнува средствата на деветнаесете осомничени кои се уапсени во Британија. Повеќето од нив се жители на Лондон имаат муслимански имиња и се на возраст меѓу дваесет и триесет години. Инаку, американскиот претседател Џорџ Буш кој ги повика граѓаните да бидат трпеливи поради новите построги безбедносни мерки на аеродромите оцени дека неуспешниот терористички заговор покажал оти Соединетите Држави остануваат во војна со, како што ги нарече, исламски фашисти.

„Новите апсења за кои нашите сограѓани сега слушаат се силно потсетување дека овој народ е во војна со исламски фашисти кои ќе ги искористат сите средства да ги уништат оние што, како нас, ја сакаат слободата.“

Изјавата на Буш предизвика бран критики од муслиманите во Соединетите Држави кои оценуваат дека тоа би можело да го разгори анти муслиманското расположение во земјата. Претседателот Буш беше критикуван и од повеќе членови на Демократската партија кои сметаат дека откривањето на терористичкиот заговор покажува оти начинот на водењето на војната против тероризмот ја влоши безбедносната состојба во светот. ,,Овој настан го потврдува лажниот мит дека ние, борејќи се против терористите таму, не мораме да се бориме против нив дома. Всушност војната во Ирак опасно го одвраќа вниманието и темелно ги црпи нашите финансиски и воени средства,, оценува сенаторот Џон Кери кој му беше против кандидат на Џорџ Буш на претседателските избори пред две години. Национална безбедност и војната во Ирак, се очекува да имаат значајно место на изборите за Конгресот што треба да се одржат во ноември годинава.
XS
SM
MD
LG