Достапни линкови

Подигнато нивото на опасност во Британија и САД


Британската полиција соопшти дека денеска осуетила, како што е наведено, голем терористички заговор за кревање во воздух на авион на летовите меѓу Британија и Соединетите Држави. Притоа биле уапсени неколку лица. Истовремено во Британија е покренато нивото на опасност од сериозно во критично.

Британската полиција прецизира дека намерата на терористите била активирање на бомби кои претходно во рачен багаж би биле внесени во авионот. Во текот на изминатата ноќ во Лондон биле уапсени извесен број луѓе, а на британските аеродроми се зацврстени мерките за безбедност.

„Полицијата со целосно знаење на министрите покрена голема контратерористичка операција за да спречи, како што веруваме, голема закана за Обединетото кралство и за меѓународните партнери. Полицијата, дејствувајќи со службата за безбедност МИ пет истражува заговор за уривање авиони што би предизвикало загуба на голем број животи. “

Изјави британскиот министер за внатрешни работи Џон Рејд, додавајќи дека нивото на безбедност во земјата било подигнато на највисокото ниво поради тоа што таквиот напад се очекувал во секој момент. На сите британски аеродроми се зацврстени мерките за безбедност на сите линии.

„Ваквиот чекор е преземен со цел да се обезбеди максимална безбедност на летовите. Сиот рачен багаж ќе биде проверуван и само мал број работи ќе можат луѓето да внесуваат во авионите. Особено ќе биде строго на летовите за Соединетите Држави.“

Изјави британскиот секретар за сообраќај Даглас Александер. Бритиш ервејз прецизира дека во авионите веќе не може да се внесуваат лаптопови и мобилни телефони, туку само документи и например, лекови и очила. Оваа компанија дури ги советува патниците да ги откажат нивните патувања доколку не станува збор за некоја нивна итна потреба. По оваа вест од Лондон и другите светски авиокомапнии го подигнаа нивото на безбедност. Сега построгите мерки важат и на аеродромите во Франција, Австралија, Белгија и Германија. До ваквиот развој на ситуацијата дојде тринаесет месеци откако четворица бомбаши самоубијци во нападите врз сообраќајната мрежа во Лондон убија над пеесет луѓе. Говорејќи на годишнината од овие напади шефот на лондонската полиција Јан Блер тогаш изјави:

„Страхувам дека скоро е неизбежно оти ќе има натамошни напади. Тоа е новата реалност во која ние работиме.“
XS
SM
MD
LG