Достапни линкови

logo-print

Барање исплата на заостанатите плати и надоместоци за храна


Штрајк за достоинство, под ова мото вработените во Македонската Радио Телевизија денеска протестираа во холот на националната куќа. Бараат исплата на четрири заостанати плати и исто толку надомест за храна.
На вработените во МРТВ шест месеци не им биле уплаќани придонеси за здравствено и пензиско осигурување:

„Ние добивме една понуда која се состоеше од исплата на три плати на повеќе рати, исплата на неколку хранарини, но по консултација со вработените бидејќи недобивме ветување во таа насока, ние моравме да го одбиеме предлогот на раководството на МРТВ.“

Изјави Александар Анѓеловски, портпарол на штрајкувачкиот одбор.
На последната средба со Новиот Управен одбор на МРТВ, на вработените им било понудено компромисно решение. Исплата на уште една плата до крајот на месецов, со што всушност би се создало задоцнување од пет неисплатени плати. Штрајкувачкиот одбор ја одбил ваквата понуда:

„Тие проблемот подолго време го лоцираат во Владата. Со законот за радиодифузија е предвидено од насобраната радиодифузна такса да се достави процентот од она што е собрано, а потоа до 80% од буџетот да го инвестира Владата. Меѓутоа според кажувањата на раководството само дел од овие пари се пристигнати, што подразбира исплата на само една плата на вработените, а другите пари не се стигнати. Владата на 111 седница кажа дека средства се префрлени и беше соопштена сума, што не соодветствува со онаа на раководството на МРТВ.“

Преку соопштение за јавноста, генералната директорка на МРТВ, Гордана Стошиќ информира дека штрајкувачкиот одбор изнесува невистини. Според неа, е неточно оти начинот на штрајкот бил договорен со одговорните и со извршните уредници. За жал поединци од штрајкувачкиот одбор го злоупотребуваат ова тело и легитимните барања на вработените, ним и на нивните организатори познати цели. За жал, таквото однесување ги блокира разговорите за реалните можности за остварување на социјалните права на вработените, бидејќи двата досегашни предлога на Управниот одбор беа одбиени, вели во реакцијата генералниот директор на МРТВ, Гордана Стошиќ.
XS
SM
MD
LG