Достапни линкови

logo-print

Протести поради невлегувањето во Владата


Револтот поради невлегувањето на ДУИ во владиниот состав, оваа партија одлучи да го изрази преку протести кои ќе започнат во понеделник.
Од претседателството на партијата велат дека протестите ќе бидат мирни, но за натамошните чекори ќе се одлучува во зависност од нивниот интензитет.

„Секако дека ќе бидат мирни, но веројатно со текот на времето ќе се менува и начинот на протести,“

изјави потпредседателот на ДУИ, Рафиз Алити

Ваквиот начин на изразување на незадоволство од страна на оваа партија е обид да се заштити гласот на граѓаните кои на парламентарните избори гласаа за ДУИ, вели Алити:

„Се губи смислата Албанците да имаат политички партии и застапници во највисокиот дом и затоа е овој револт. Ова е наметнато и ние со сите демократски средства ќе го браниме гласот добиен на овие демократски избори.“

Еве како овие постапки на ДУИ ги коментираат од ВМРО-ДПМНЕ, партија која на изборите го освои мнозинството.

„Ќе треба да се вразумат малку, веројатно ќе им треба надворешна помош, а и од внатре да им се укаже дека патот на дејствување не е тој и дека е штетно, посебно за албанскиот електорат,“

изјави Ефтим Манев од ВМРО-ДПМНЕ

Од Либерално-демократската партија сметаат дека иако уличната демократија е позната насекаде во светот, таа не секогаш дава добри резултати, изјави Роза Топузова Кареска од ЛДП.

„Подобро е пратеничката група на ДУИ да делува во институциите на системот, односно во парламентот.“

Информациите дека коалицијата ДУИ-ПДП е подготвена и да ги врати мандатите што ги освои на изборите, од раководството на оваа партија ги отфрлија како шпекулации. Оттаму велат дека протести ќе има во секој град каде што има нивни симпатизери, но до кога протестите ќе траат, се уште не откриваат.
XS
SM
MD
LG