Достапни линкови

Американската администрација доставила забелешки за планот за апсењето на Младиќ


Властите во Белград ги потврдија наводите во медиумите, според кои, американската администрација им доставила забелешки на нивните планови за апсење на Ратко Младиќ. Американскиот амбасадор за воени злосторства Клинт Вилијамсон во минатата недела на владата на Србија и предаде единаесет препораки за успешно спроведување на планот. Меѓу нив и барањето Српската православна црква јавно да го поддржи апсењето на поранешниот генерал.

Откако највисоките државни претставници на Србија конечно потврдија дека Соединетите Држави предложиле некои чекори за побрзо апсење на Ратко Младиќ се уште не е јасно дали тие и ќе бидат исполнети. Особено внимание привлекува она, според кое српскиот премиер Воислав Коштуница, би требало од Српската православна црква да побара јавно да го поддржи апсењето и израчувањето на Младиќ на Хашкиот трибунал. Протоерејот на СПЦ, Димитрије Калезиќ вели:

„Тоа е влегување во највнатрешните ингеренции на Српската православна црква и оневозможување на нејзиниот став. Тука Српската православна црква се сфаќа како некаков инструмент на некој друг субјект. Тоа се нарекува политизација.“

Обвинителите на Хашкиот трибунал повеќе пати ја обвинуваа Српската црква дека помага во скривањето на хашките бегалци, особено Младиќ и Караџиќ во одделни манастири во Босна, Црна Гора и Србија. Историчарот Никола Самарџиќ смета дека СПЦ е под сомневање поради нејзината воена хипотека:

„Денес сосема е очигледно, врз основа на конкретните истражувања и ставови на црковните великодостојници, дека црквата била една од непосредните учеснички во етничките судири. Таа или ги благословуваше или ги премолчуваше воените злосторства.“

Вели историчарот Самарџиќ. Иако имаше одделни владики кои ги повикуваа Младиќ и Караџиќ сами да се предадат, сепак СПЦ никогаш не го стори тоа.

„Меѓународните претставници сигурно знаат дека Српската православна црква, според скоро сите истражувања, институција која по углед го зазема првото место кај српскиот народ. Затоа мислам дека таа нема да си дозволи да си го наруши тој углед со некои повици за предавање. “

Вели Милорад Томаниќ, социлог за верски прашања, додавајќи дека затоа се би се свело на некакви поединечни барања на некој владика за предавање на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.
XS
SM
MD
LG