Достапни линкови

Државниот врв се обрати од Мечкин Камен во Крушево и Меморијалниот центар Пелинце


Со свечености на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце денеска беше одбележана 103 годишнината од Илинден и 62 години од АСНОМ. Македонскиот претседател Бранко Црвенковски во говорот по повод Илинден нагласи дека Македонија е држава со просперитетна европска иднина и оти рамноправноста и еднаквоста во правата и обврските се клучот на стабилноста и гаранција за просперитетот.

„Немерливо е значењето на Илинденската епопеја за сите нас. Со неа е создаден историски мит кој денес е длабоко врежан во душата на секој Македонец. Речиси комплетното денешно македонско духовно и културно наследство е базирано врз темелите на тогаш создадените вредности. Илинденците се еден од носечките столбови, како за конституирањето на македонската нација така и кога станува збор за формирањето на современата македонска држава.“

Црвенковски нагласи дека пет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со сигурност можеме да се констатира дека е правилно постапено. Според него од внатрешната стабилност и од брзината на прилагодување на нашиот политички, стопански и институционален развој кон вредностите и моделите на Европската Унија и натаму најмногу зависат нашите интеграциски процеси:

„Понатамошните реформи се единствената опција што ја имаме. Не чека многу работа. Досега е направено многу. Во иднина, со право очекуваме повеќе. Тоа го бараат нашите граѓани. Визионерите од нашето минато, но и обединетата Европа го очекуваат тоа од нас. А за да го постигнеме посакуваниот успех, не треба да правиме чуда, треба само да дадеме се од себе. Повеќе од тоа не е потребно, помалку од тоа не е доволно. Ако заедно решително се упатиме кон неа сигурен сум дека ќе истраеме и на тој пат.“

На прославата на Илинден на Мечкин Камен венци и свежо цвеќе положија лидерот на СДСМ Владо Бучковски, претставници на АРМ, Црквата, на политичките партии, министри од Владата, како и дел од претставниците на дипломатискиот кор во Република Македонија.

Претседателот на македонското Собрание, Љубиша Георгиевски се обрати на свеченоста во Меморијалниот Центар Пелинце укажувајќи на големото историско значење на двата нерасклинливо поврзани илиндена - 62-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 103-годишнината од Илинденското востание:

„Без Илинден 1903 немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот. На сегашните и идните генерации останува да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да го ценат и да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава која само во периодот на НОБ ја плати со над 24.000 жртви“.

рече Георгиевски.
XS
SM
MD
LG